
Во пресрет на 8-ми март, Денот на жената, цените на цвеќето забележаа нагло зголемување, предизвикувајќи реакции кај граѓаните.
Уличните тезги и цвеќарниците поставија суми кои за многумина се неразумно високи, па купувачите коментираат дека празникот се претвора во „луксуз“.
Екипата на Денар беше на терен за да ги провери цените на најбараните букети.
На уличните тезги, едноставен букет хризантеми замотан во целофан се продава за 1.200 денари, додека мал букет со 11 лалиња чини околу 1.300 денари – што значи дека едно лале чини приближно 120 денари. Розите, кои традиционално се најпопуларен избор за овој ден, достигнаа рекордни суми – букет од пет рози на улица чини 1.700 денари, а поединечно, една роза се наплаќа од 250 до 300 денари.
„Секоја година цените се високи, но оваа година навистина се претера. Како пензионер, едноставно не можам да си дозволам да купам букет за сопругата како што правев порано“, вели Перица Младеновски, жител на Скопје.
Во цвеќарниците, ситуацијата е уште подраматична. Луксузен букет од три рози украсен со плишено мече чини 2.800 денари, додека елегантно аранжиран букет со 11 рози и зеленило достигнува цена од 6.500 денари.
„Цените на цвеќето секаде во светот растат за време на овој празник, но кај нас, тоа станува чиста алчност“, коментира Ивана Костовска, млада девојка која бараше попристапна опција за подарок.
Од друга страна, цвеќарите велат дека немаат избор, бидејќи и самите купуваат по повисоки набавни цени.
„Ние не сме виновни што цените се високи. Набавката од увозниците оваа година беше значително поскапа, бидејќи растенијата се увезуваат од Холандија и од други европски земји. Логистиката, транспортот, па и царината – сето тоа влијае врз финалната цена,“ објаснува Даниела Ристовска, сопственичка на мала цвеќарница во центарот на градот.
Сепак, многу граѓани се обидуваат да најдат алтернативи за да го одбележат празникот без да потрошат мало богатство. Некои се одлучуваат за домашни изработки, рачно направени честитки или едноставни гестови како појадок во кревет или прошетка.
„Нема потреба да се троши огромна сума за да покажеме љубов и почит кон жените во нашиот живот. Понекогаш еден убав збор или искрен гест е многу повреден од скап букет“, заклучува Виктор Георгиев, кој одлучи наместо цвеќе да подари рачно изработен бележник со пораки.
И покрај високите цени, продажбата на цвеќе останува висока, а традицијата на подарување букет на овој ден продолжува.