
Во 2024 година земјава имала 1.515.306 работоспособно население од кое повеќе од половината (792.779) било активно на пазарот на труд.
Ова се последните податоци на Државниот завод за статистика за пазарот на труд во 2024 година, според кои стапката на активност на населението изнесувала 52,3%, на вработеност 45,8%, а на невработеност 12,4%.
Од населението кое било активно на пазарот на труд на возраст повисока од 15 години 460.436 биле мажи, додека 332.342 биле жени. Лани бројот на вработени изнесувал 694.506, додека 98.273 биле невработени лица.
Статистика пресмета дека 722.527 лица во земјава лани биле неактивни на пазарот на труд иако биле работоспособни. Од нив 284.449 биле мажи, додека 438.078 биле жени.
Стапките на невработеноста последните месеци и години постојано се во надолна линија. Сепак, останува нејасно дали намалувањето на невработеноста се должи на поголема економска активност, и поголема ангажираност на невработените во работни активности, или пак станува збор за други фактори кои придонесуваат до намалување на бројот на невработените.
Ако ги погледнеме стапките на вработеност и невработеност во изминативе пет години ќе забележие големи разлики. Па така во 2018 година стапката на невработеност била 20,7 отсто, за да се намали на 17,3 проценти во 2019 година, па на 16,4 отсто во 2020 година. Трендот на намалувње продолжува и следните години и во 2023 година спаднала на 13,1 процент.
Извор: express.mk