Станува збор за компанија Јонкерс која освен по беспрекорната работа во областа на преводите, од март 2020 година ќе биде препознатлива по тоа што на своите вработени ќе им даде можност да земат наограничен платен одмор.
Во компанијата моментално работат 172 вработени и секој од нив има право на 20 неработни денови годишно. Но она по што се разликува во однос на другите компании е тоа што Јонкерс им овозможува на вработените да земат онолку денови платен одмор колку што сакаат.
Овој систем од јануари е веќе воведен во претставништвото на компанијата во Чешка, а целта е истиот да се имплементира во сите десет земји каде што е присутна фирмата до јуни оваа година.
Директорот на фирмата, Гео Јансенс, смета дека ова е најдобар начин да се подобри благосостојбата на вработените, но и да се привлечат ретко и висококвалификувани профили посебно во делот на развојот на нов софтвер базиран врз вештачката интелигенција. Лицата специјализирани за оваа работа бараат до 400 илјади евра годишно, вели директорот.
Не можеме да го следиме ритамот во платите, но можеме да привлечеме барани профили со тоа што ќе им понудиме човечки услови за работи, вели шефот на компанијата.
Инаку, компанијата бара преведувачи за речиси сите главни јазици во светот, корејски, јапонски, руски, германски, француски, турски, хебрејски, полски и многу други. Фирмата има филијали во Чешка, Италија, САД, Велика Британија, Виетнам, Јапонија, Словачка и Кина.