Vrabotuvanje.com -
Сподели
Tweet
Сподели

Нова ера на безбедност : МINT воведува паметна идентификација со OneID

За максимална заштита на корисниците од финансиски измами!

Преку интеграцијата на OneID – платформа за сигурна дигитална идентификација – корисниците на MINT ќе добијат можност за проверка на идентитет без споделување на чувствителни податоци, преку едноставна и безбедна процедура.

Ова партнерство е повеќе од технолошко решение

„Во време кога измамите стануваат сè попаметни, ние стануваме потемелни. OneID е логичен чекор напред во нашата визија: финансиски услуги кои се не само паметни и брзи, туку и длабоко одговорни,“ изјавуваат од MINT Fintech Group.

Договорот веќе е склучен, а новата заштитна функционалност ќе биде активно достапна наскоро.

Оваа соработка е само дел од пошироката трансформација која ја води MINT: постојано унапредување на корисничкото искуство, фокус на софистицираност во секој детал и развој на платформи што ги надминуваат стандардите – и по функционалност, и по етика.

Од технолошка иновација до емпатична дигитална комуникација, MINT останува посветен на создавање финансиски екосистем кој не е само модерен – туку и хуман.

За повеќе информации:

www.mint.com.mk | www.oneid.mk

Минатата година во Македонија докторирале 215 лица, 71 се странски државјани

Минатата година во Македонија звањето доктор на науки го стекнале 215 лица, објави Државниот завод за статистика, додавајќи дека има зголемување на бројот на одбранети докторски дисертации за 23,6 отсто во споредба со 2023 година.

Најголем број од лицата, 22,4 отсто, докторирале во областите здравство и социјална заштита, потоа 16,7 отсто уметност и хуманистички науки, следуваат бизнис-администрација и право со 14,4 отсто, општествени науки, новинарство и информирање со 11,6 отсто, а преостанатите области се со помал процент на застапеност.

Од вкупниот број лица што докторирале во текот на 2024 година, 106 или 49,3 отсто се жени. Според податоците на ДЗС, 71 докторанд се странски државјани.

Извор: skopjeinfo.mk

Нови правила за возачките дозволи на ниво на ЕУ

Преговарачите на Советот и Европскиот парламент денеска постигнаа договор за измена на директивата за возачки дозволи, која содржи бројни нови карактеристики, особено за младите возачи.

Голема вест е пробниот период за новите возачи. Се воведува дигитална возачка дозвола која возачите ќе ја имаат на своите паметни телефони и која ќе стане стандардна во ЕУ според новите правила.

Земјите-членки ќе имаат рок од пет и пол години да воведат дигитална возачка дозвола, а возачите ќе имаат право да бараат возачка дозвола во физички формат.

За прв пат се воведува пробен период од најмалку две години за новите возачи. Новите возачи ќе се соочат со построги правила и санкции за возење под дејство на алкохол, возење без користење на безбедносен појас или систем за врзување деца.

Намалена старосната граница за возачите на камиони
Поради недостиг од професионални возачи, старосната граница за возачки дозволи на камиони се намалува од 21 на 18 години, а за возачи на автобуси од 24 на 21 година, под услов кандидатите да поседуваат потврда за професионална способност. Земјите-членки можат да дозволат 17-годишници да возат камион или комбе, но само на нивна територија и придружувани од искусен возач.

Договорено е дозволите за мотоцикли и автомобили да се издаваат на 15 години. Земјите-членки ќе можат да го намалат ова на 10 години доколку возачката дозвола може да се користи како доказ за идентитет наместо лична карта.

Возачките дозволи за камиони и автобуси ќе треба да се обновуваат на секои пет години. Земјите-членки ќе имаат право да го скратат периодот на важност на дозволите за возачите над 65 години.

Рок од четири години за членките на ЕУ да ги спроведат новите директиви
Пред да им се издаде првата возачка дозвола, новите возачи ќе мора да поминат медицински преглед, вклучувајќи преглед на видот и кардиоваскуларен преглед.

Сепак, земјите-членки ќе можат да им понудат на возачите на автомобили или мотоцикли алтернатива на задолжителниот медицински преглед, како што е пополнување формулар за самопроценка на нивната здравствена состојба.

Националните власти ќе треба да промовираат подигање на свеста за минималните стандарди за физичка и ментална подготвеност за возење.
По постигнувањето на договорот, сега и двете законодавни тела, Советот и Собранието, треба да го потврдат текстот, што треба да се случи наскоро.

Директивата влегува во сила 20 дена по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ. Земјите-членки ќе имаат рок од четири години да ги пренесат одредбите од новата директива во нивното национално законодавство.

Извор: kajgana.com

Каде на море во јуни? Рајски плажи за помалку од 200 евра

Летото е на прагот, а многумина сонуваат за освежителен одмор покрај море без да потрошат цело богатство.

Ако сте во потрага по дестинации каде што можете да поминете незаборавни моменти за пониска цена, јуни е вистинскиот месец за вас.

Туристичките агенции веќе нудат поволни аранжмани, а со малку организација, одмор од соништата може да стане реалност и за помалку од 200 евра.

Истраживме неколку економични, но прекрасни летни дестинации кои нудат одличен спој на природа, култура и уживање.

Саранда, Албанија – јонскиот бисер на Балканот

Албанија веќе неколку години е меѓу најпопуларните дестинации за евтин, но квалитетен одмор.

Саранда, сместена на Јонското Море, нуди кристално чисти плажи, богата историја и вкусна традиционална храна.

„Сместувањето тука може да се најде и за 10-15 евра по ноќ, а храната е многу достапна. За 200 евра можете да поминете дури и цела недела со сите трошоци“, вели Ивана Петровска, туристички водич од Скопје, која редовно носи групи во Албанија.

Покрај прекрасните плажи како Ксамил и Паски, Саранда е одлична база за дневни екскурзии до античкиот град Бутринт, заштитен од УНЕСКО.

Олимписка Ривиера, Грција – поволно летување во соседството

Грција е секогаш одличен избор, а Олимписката Ривиера нуди идеално место за економично летување.

Паралија, Лептокарија и Неи Пори се меѓу најпознатите места со долги песочни плажи и многу опции за забава.

„Олимписката Ривиера е вистински рај за семејства и за групи кои сакаат да уживаат на море без да трошат премногу. Апартманско сместување е можно да се најде и за 15-25 евра по лице, а локалните таверни нудат богати оброци по пристапни цени“, споделува Александар Јованов, туристички агент.

Дополнителна предност е што до овие места може да се стигне со автобус или автомобил за неколку часа, без скапи авионски билети.

Будва, Црна Гора – лето со шмек на Медитеранот

Будва, со својата староградска архитектура и со убавите плажи, е една од најприфатливите опции за оние кои сакаат комбинација на ноќен живот и релаксација.

„Минатата година успеав да поминам пет дена во Будва со помалку од 200 евра, вклучувајќи превоз, сместување и оброци. Клучот е да се букираат апартмани на време и да се јаде во локални ресторани каде што цените се далеку пониски од туристичките места“, вели Евгенија Цветановска, студентка која редовно патува низ Балканот.

Покрај Будва, може да се посети и Свети Стефан, еден од најпознатите туристички локалитети во Црна Гора.

Влора, Албанија – Мирно бегство од гужвата

Ако сакате поопуштено место, Влора е одлична алтернатива на Саранда. Градот има прекрасни заливи, тиркизно море и убава ривиера која наликува на грчките острови.

„Цените се пониски отколку во другите познати дестинации, а атмосферата е помирна. Апартмани може да се најдат за 12-15 евра по лице, а локалната храна е неверојатно вкусна и евтина,“ вели Гоаранчо Зафировски, авантурист кој веќе три години летува во Влора.

Покрај тоа, Влора е одлична почетна точка за истражување на островот Сазан и природниот парк Логара.

Совети за евтино летување

За да останете во рамки на буџетот, резервирајте сместување навреме, користете јавен превоз, избегнувајте скапи туристички ресторани и истражувајте ги помалку познатите, но подеднакво убави плажи.

Јуни е совршен месец за летување – температурите се пријатни, гужвите сè уште не се во полн ек, а цените се значително пониски од јули и август.

Со добар план и со малку истражување, може да уживате во вистински медитерански одмор за помалку од 200 евра!

Сиромаштија во Македонија: Жените се посиромашни од мажите

Секое трето дете во Македонија живее на прагот на сиромаштија, a жените се посиромашни од мажите. Ова го покажуваат податоците на УНИЦЕФ.

Според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС), во 2022 година, стапката на сиромашни лица во Македонија изнесувала 22,9 отсто.

Стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2022 година била највисока, односно 27,2 отсто.

Она што загрижува е фактот дека и покрај тоа што имале работа, стапката на сиромашни вработени лица била 8,9 отсто, а стапката на сиромашни пензионери била 9,9 отсто. Жените (22,6 отсто биле посиромашни од мажите (23,1 отсто), а како најзагрозени се сметаат оние во групата од 0 до 17 години, бидејќи немале никакви приходи. Воопшто најподложни на сиромаштија биле самохраните родители со издржувани деца – 51,8 отсто.

Извор: faktor.mk

Цвета бизнисот со изнајмување станови за една вечер

Во последниве неколку години, трендот на изнајмување станови за една ноќ станува сè попопуларен во Скопје, но и во другите поголеми градови во Македонија.

Сопствениците на станови гледаат шанса за брза заработка, додека гостите ја користат можноста за комфорен престој без потреба од класични хотелски процедури.

Зголемена побарувачка – поголем профит

„Од кога почнав да го издавам станот на краткорочна основа, приходите ми се зголемија двојно“, вели Јовица Иванов, сопственик на гарсоњера во центарот на Скопје. „Претходно го издавав на долг рок за 300 евра месечно, а сега со ноќни резервации можам да заработам 700 до 1000 евра“.

Според него, најголемата предност е што нема обврзувачки договори со станари на долг рок, а цените може да ги прилагодува според побарувачката.

Во викенди и за време на празници цените драстично растат, а побарувачката е огромна.

Кои се клиентите?

Профилот на гости варира – од странски туристи и деловни луѓе, до млади парови што бараат дискретност.

Но, не се реткост ниту оние што ја злоупотребуваат оваа можност.

„Имав ситуација каде што гости направија забава и го оштетија мебелот,“ споделува Марика Вељановска, сопственичка на стан во Аеродром. „Оттогаш користам високи депозити за резервации“.

Според неа, најголемата предност на овој модел на издавање е што гостите постојано се менуваат, но ризикот од штета е реален.

Некои сопственици користат платформи како Airbnb и Booking, каде што има механизми за контрола, додека други работат директно преку социјални мрежи, каде што нема гаранција за сигурност.

Правната сива зона

Иако краткорочното изнајмување носи профит, прашањето за легалноста останува отворено. Голем дел од становите се издаваат без да се пријавуваат приходите, што значи дека државата губи од даноци.

„Контролата е слаба, а некои сопственици дури немаат ниту регистрирана дејност,“ вели економскиот аналитичар Александар Дојчинов. „Во повеќето европски земји, ова е регулирано со строги закони, додека кај нас сè уште има дупки во системот“.

Додека пазарот за краткорочен наем продолжува да расте, властите сè почесто размислуваат за регулација. Во некои земји веќе се воведени ограничувања за бројот на денови што еден стан може да се издава годишно, а во иднина вакви мерки би можеле да се појават и во Македонија.

Во меѓувреме, сопствениците кои знаат како да менаџираат со овој вид бизнис, продолжуваат да остваруваат значителен профит, додека клиентите сè повеќе ја препознаваат удобноста што ја нудат овие станови во споредба со традиционалните хотели.

 

Секој четврти вработен во Германија повремено работи од дома

Секој четврти вработен во Германија работи од дома барем повремено, се вели во извештајот објавен денеска од Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.

Во февруари, процентот на вработени во Германија кои работат од дома беше 24,5 отсто, што е благ пораст од августовските 23,4 отсто, се додава во извештајот.

Работењето од дома стана општо прифатено, а индивидуалните иницијативи на компаниите да ги вратат своите вработени во канцеларија не се рефлектираат во статистиката, коментира Жан-Виктор Алипур, истражувач од Институтот во Минхен.

 
 

Mercedes-Benz сака да го намали бројот на вработени, нуди отпремнини од 500.000 евра

Германскиот производител на автомобили Мерцедес-Бенц сака да го намали бројот на вработени за да заштеди околу пет милијарди евра до 2027 година и нуди отпремнини од 500.000 евра на вработените кои ќе решат доброволно да ја напуштат компанијата.

Програмата за отпремнина, наречена „Перформанс на следно ниво“ (NLP), започнува во април и трае до март 2026 година, пишува Handelsblatt.

Според пресметката, 55-годишен лидер на тимот во Мерцедес-Бенц со бруто плата од 9.000 евра и 30 години стаж може да очекува повеќе од половина милион евра отпремнина.

Извор: biznisinfo.mk

 
 
 

Нацијата живее во сиромаштија: Секој четврти Македонец спаѓа во категоријата на сиромашни граѓани

Врз основа на податоците од Анкетата за приходите и условите за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија, Државниот завод за статистика ги пресмета лаекенските индикатори за сиромаштијата за 2022 година.

Основа за пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 % од медијалниот еквивалентен приход.

Во 2022 година, стапката на сиромашни лица во Република Северна Македонија била 22.9 %.

Анализирано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2022 година е 27.2 %. Според најфреквентниот статус на економската активност, стапката на сиромашни вработени лица е 8.9 %, додека стапката на сиромашни пензионери е 9.9 %. Коефициентот на Џини (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) е 29.8 %, извести ДЗС.

Извор: centar.mk

Работата од дома и понатаму е широко присутна во Германија: Каква е ситуацијата во другите земји во Европа?

Работата од дома и понатаму е широко распространета во Германија. Според новото истражување на економскиот институт Ифо, скоро четвртина од вработените барем повремено работат од дома.

Во февруари овој удел бил 24,5 отсто, а во август минатата година 23,4 отсто, пишува DPA.

Исто така, уделот на работата од дома скоро не се променил од април 2022 година.

„Иницијативата на дел од компаниите да ги врати вработените во канцеларии не дава статистички мерливи промени“, изјавил истражувачот од институтот Жан-Виктор Алипур.

Колку е генерално застапена работата од дома во Европа?

Во Европа, застапеноста на работата од дома варира меѓу земјите и секторите.

Според податоците на Евростат за 2022 година, во Европската унија, просечно 10,2% од вработените на возраст од 15 до 65 години работат од дома.

Сепак, овие бројки значително варираат, па тоа во некои земји изгледа вака:

  • Ирска: 25,3%
  • Финска: 23,1%
  • Шведска: 18,1%
  • Холандија: 39,2%
  • Словенија: 6,9%
  • Унгарија: 2,3%
  • Хрватска: 3,1%
  • Романија: 1,4%
  • Бугарија: 1,6%

Овие варијации можат да се припишат на различни фактори, вклучувајќи го развојот на земјите, структурата на економијата и достапноста на инфраструктурата како широкопојасен интернет. На пример, земјите со развиен ИТ сектор често имаат поголем процент на вработени кои работат од дома.

Овие податоци укажуваат на тоа дека работата од дома во Европа е најзастапена во развиените земји со силен ИТ сектор, додека е помалку присутна во земји со доминантни индустрии како што е туризмот.

Извор: eupravozato.mondo.rs

Холандска фирма прва во светот која ќе воведе неограничен годишен одмор за вработените

KPN е првата голема холандска компанија што ќе им понуди на своите вработени неограничен број денови годишен одмор. Оваа одлука е вклучена во колективниот договор, пренесуваат холандските медиуми.

„Нашите вработени сами одлучуваат како ќе го користат својот годишен одмор“

Барт Веберс од KPN изјави дека компанијата сака да им даде поголема слобода на своите вработени за да можат да најдат подобар баланс помеѓу работата и приватниот живот.

„Следењето на преостанатите денови од одморот едноставно не се вклопува во овој концепт“, додаде тој.

Сепак, тоа не значи дека вработените можат ненадејно да одлучат да не дојдат на работа. Секој одмор сè уште мора да биде одобрен.

„Слободните денови се земаат во договор со претпоставениот“, нагласи Веберс.

Реакции на синдикатите и искуството од експериментот

Според холандскиот финансиски дневен весник Financieele Dagblad, синдикатите вклучени во преговорите не биле воодушевени од воведувањето на неограничениот одмор во колективниот договор, бидејќи сметаат дека не сите вработени ќе имаат подеднаква корист од оваа мерка.

Кога KPN ја тестираше оваа практика, менаџментот беше многу задоволен од резултатите.

Сепак, меѓу вработените во кол-центрите, на пример, се појавила „сомнеж“. Синдикатите истакнаа дека притисокот од колегите и распоредот на смените би можеле да ја поткопаат оваа слобода.

Тренд кон поголема флексибилност

Според здружението на работодавачи AWVN, неколку мали и средни компании веќе нудат неограничен одмор. Вработените бараат помалку правила и поголема флексибилност меѓу работата и приватниот живот.

„Ова е дел од трендот на поголема автономија за вработените“, изјави Јан ван дер Велде од AWVN.

Извор: eupravozato.mondo.rs

ЌЕ СЕ СПАСАТ ЛИ ГРАЃАНИТЕ ОД НЕОЧЕКУВАНИ СМЕТКИ? Се подготвува месечно отчитување на броилата за електрична енергија

Регулаторната комисија за енергетика подготвува измена и дополнување на правилата за снабдување со електрична енергија, со што отчитувањето на броилата кај потрошувачите ќе биде на месечно ниво, наместо како досега на секои три месеци. Со тоа се очекува граѓаните да добиваат реални, наместо паушални пресметки, откако голем број од нив во изминатиот период се пожалија дека за месеците декември, јануари или февруари платиле за нешто што не го потрошиле.

- Во Правилата за снабдување со електрична енергија, во членот 29 во ставот (5) зборовите “квартално во текот на календарската година” се заменуваат со зборовите “месечно”, пишува во предлог-измената што РКЕ ја разгледувала како точка на подготвителната седница на 20 март.

Отчитувањето ќе се врши на почетокот на секој календарски месец, а ова, како што објаснува РКЕ во образложението, се прави поради големиот број на преставки пристигнати до регулаторното тело.

„Отчитувањето на мерните уреди согласно востановената пракса на работењето на операторите на електродистрибутивните системи во повеќето земји членки на Европската Унија, како и во регионот се врши еднаш годишно. Меѓутоа, со оглед на тоа дека во текот на 2024 година како и во тековната 2025 година се пристигнати голем број на претставки и поплаки од потрошувачите со кои се наведува дека фактурирањето се врши не на отчитана состојба на мерните уреди туку врз основа на проценета состојба, за соодветниот пресметковен период, Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија пристапи кон измена на посочената одредба со што се утврди дека отчитувањето на мерните уреди ќе се прави месечно, освен во оддалечени подрачја и таму каде што овластени лица на операторот на електродистрибутивниот систем немаат пристап и со тоа ќе се обезбеди поголема заштита на правото на потрошувачите за правично определување на висината на услугата според реално направената потрошувачка на електрична енергија, а воедно ќе се задолжи операторот на електродистрибутивниот систем редовно да ги отчитува мерните уреди“, пишува во образложението.

Десетина дена претходно Здружението на инженери на Македонија, поднесе претставка до Регулаторната комисија за енергетика, со барање за измена на правилата за снабдување на електрична енергија, заради „спречување на неправедните наплати во фактурите за електрична енергија кај домаќинствата“.

Од таму побараа да се изврши измена на Правилата за снабдување со електрична енергија и да се воведе месечно отчитување на броилата, како што е предвидено за останатите категории на приклучоци во Тарифниот систем за дистрибуција, или во случај кога броилото не е отчитано, ЕВН да издава фактура од 420 денари со прикажување на 0 kWh потрошена електрична енергија, а откако ќе се изврши реално отчитување, потрошувачот да добие корегирана фактура врз основа на реалната потрошувачка за периодот од претходното до последното отчитување.

„Паушалното одредување на потрошувачката и внесувањето на корисниците во повисоки ценовни блокови при само ±10 проценти пречекорување на блоковите на годишно ниво може да предизвика значителни разлики во наплатата во однос на реалната потрошувачка“, реагираа од здружението.

Од РКЕ вчера најавија дека точката наскоро ќе биде усвоена, односно правилата ќе бидат официјално изменети и наскоро, можеби уште во текот на оваа недела, ќе стапат на сила. Во текот на вчерашниот ден имало и состанок со здружението, иако на оваа процедура се работело подолго време заедно со Министерството за енергетика.

„РКЕ во изминатиот подолг период работи на комплементарен сет на мерки со цел зајакнување на заштитата на потрошувачи. Меѓу нив се : месечно отчитување на броила, како и вонредна проверка на броила по случаен избор кај дел од потрошувачите кои имаат доставено приговори до РКЕ. Овие механизами се дел од заедничкото делување со ресорното министерство со цел зајакнување на довербата и надминување на дилемите кај дел од јавноста - потрошувачите кои се сомневаат во исправноста на мерните уреди (броилата)“, објавија од РКЕ.

Во меѓувреме продолжуваат и понатаму поплаките од страна на граѓаните, а некои од нив се организираа на протести.

- Имам викендичка во Кучевиште. Во текот на февруари бев само три пати на по еден ден. Сметката што ја добив изнесуваше 13.000 денари, ни рече еден од потрошувачите кои се пожали до нашата редакција.

За еден месец од 24 декември до 25 јануари на адресата на ЕВН Хоум пристигнале 15 илјади барања за корекции на високите сметки за струја. Само мал број од нив - 2.200 (15 отсто) е утврдено дека се основани и за нив е извршена корекција на сметките. За останатите е утврдено дека немале основ, бидејќи вредноста на сметката била соодветна на реалната потрошувачка. До РКЕ, како второстепен орган, до 28 февруари се пристигнати 345 приговори.

Во Македонија има вкупно 820 илјади броила. Според законот, ЕВН Хоме е должно квартално (на секои 3 месеци) да ги отчитува броилата за да се осигури дека податоците се точни. 

Извор: faktor.mk

Минималната плата повисока за 2 200 денари од април

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека од април ќе биде исплаќана законски предвидената минимална плата, односно околу 2 200 денари повеќе од сегашната најниска плата.

Тој додаде дека доколку во наредните месеци се постигне спогодба меѓу работниците и работодавачите за поголем износ, ќе бидат извршени законски измени и дополнително усогласување.

„Денеска имаме владина седница, разговарав со министерот за економија, ќе поминеме информација. Согласно Законот мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24.400, така е според Законот.“, кажа Мицкоски

Премиерот напомена дека во моментот нема репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, и дека е формирана комисија која ќе ја утврди репрезентативноста.

„Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме. Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање“, потенцираше Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот на мега-паркот во Радишани.

Извор: skopjeinfo.mk

Хрватскиот туризам годинава има потреба од 70.000 сезонски работници

На Хрватска годинава ќе и бидат потребни околу 70.000 сезонски работници во туризмот. Но, работодавачите ќе најдат само мал дел на домашниот пазар на труд. За да обезбедат работници, нудат и повисоки плати.

„Секој месец се појавуваат стотици огласи за вработување во секторите туризам, угостителство и малопродажба. Се одржа и настанот Денови на туризмот во шест хрватски градови: Бјеловар, Пожега, Вировитица, Осиек, Сисак и Загреб. Тоа е можност каде што работодавачите можат директно да се поврзат со луѓе заинтересирани за вработување“, вели Маја Чеко, раководител на Одделот за пазар на труд, Регионална канцеларија на ЦЕС Шибеник.

И големите хотелски компании со месеци го регрутираат потребниот персонал.

„Во моментов сме во процес на преговори со нововработените, контактираме со нашите постојани сезонски работници и практично очекуваме до мај да имаме горе-долу целосна слика за работната сила за оваа сезона“, изјави Матеј Рукавина, директор на Одделот за човечки ресурси во хотелско одморалиште.

Многу полесно се наоѓаат сезонски работници од оние кои работат цела година. Но, помалите работодавци во туристичките места се свесни дека секоја сезона се соочуваат со нова потрага.

Работодавачите се обидуваат навреме да ја обезбедат потребната работна сила преку подобри услови за работа, пред се со зголемување на платите.

„Можам да кажам дека келнерите ќе заработуваат меѓу 1.400 и 1.600 евра нето во сезоната, специјалистите на позиции на готвачи меѓу 1.600 и 1.800, додека, на пример, позициите во домаќинството како собарки и чистачки ќе заработат приближно 1.300 до 1.400 евра нето во летната сезона“, вели Рукавина.

Хотелиерите се обидуваат да ги привлечат и оние кои штотуку влегуваат на пазарот на труд. Проблемот со сезонската работна сила од година во година е се поизразен, но квалитетно решение нема. Само големите работодавачи во туризмот, кои работат цела година, можат донекаде да задржат квалитетен кадар, пишува Seebiz.

Извор: vecer.press

На Германија не и требаат НОВИ РАБОТНИЦИ

Поради влошената економска ситуација во Германија, побарувачката за квалификувани работници во земјата е послаба, соопшти во понеделник Институтот за економски истражувања IFO од Минхен.

Раководителот на истражувањето во IFO, Клаус Волрабе, смета дека тоа значи дека нивниот недостиг во моментов не е толку горчлив проблем, но предупредува дека демографските промени во Германија претставуваат голем предизвик, па долгорочно гледано, проблемите со недостигот на квалификувана работна сила повторно ќе се зголемат.

Според истражувањето, приближно 28,3 отсто од германските компании пријавуваат недостаток на квалификувана работна сила, што претставува пад во однос на 31,9 отсто во октомври.

Во секторот на услуги, приближно 35,1 отсто од фирмите имаат потешкотии да најдат квалификувани работници, а овој процент е особено висок во правното и даночното советување (75 отсто), агенциите за вработување и привремено вработување (62 отсто), како и во секторот за сместување (42 отсто).

Според извештајот, околу 18 отсто од компаниите во германската индустрија сè уште не можат да најдат доволно квалификувани работници, а особено сериозна е состојбата во прехранбената индустрија, каде овој процент изнесува 27 отсто, во машинската индустрија 23 отсто и кај производителите на мебел 23 отсто.

Недостатокот на квалификувани работници сè уште се чувствува во малопродажбата и градежништвото, каде нешто повеќе од петтина од компаниите пријавуваат потешкотии при пополнување на квалификуваните работни места, се додава во извештајот.

Извор: ekspres.net

Граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбени кредити

Во февруари е забележан раст на депозитите во банките, но има и пораст на кредитирањето. Според податоците на Народната банка, минатиот месец вкупните депозити бележат зголемување од 11,1% на годишно ниво како резултат на тоа што граѓаните повеќе депонирале пари во банките, а вкупните кредити пак, бележат раст од 11,5% исто така на годишно ниво на корпоративниот сектор.

– Месечната и годишната промена во целост се должат на зголеменото кредитирање во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута – нагласуваат од Народната банка.

Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во февруари, кај потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории е забележан месечен раст од 0,9% и 1,2%, соодветно, при годишен раст од 8,5% и 13,3%, соодветно.

Во февруари, автомобилските кредити се намалени за 0,8% на месечна основа, додека на годишна основа бележат зголемување од 6,5%.

Овој месец, кредитите одобрени на кредитните картички остварија месечно и годишно намалување од 1,8% и 9,0%, соодветно.

Во февруари, кај негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи е забележан месечен пад од 0,9% и 1,5%, соодветно, како и годишно намалување од 5,0% и 9,5%, соодветно.

Извор: vecer.press

Наскоро ги поместуваме стрелките на часовникот, како тоа влијае на телото и умот?

Следниот викенд повторно ќе ги поместиме часовниците – во ноќта од сабота кон недела ќе се префрлиме на летно сметање на времето.

Психолог од Хрватска за ХРТ зборуваше за ефектите од оваа промена врз промена на човековото тело и како да се прилагоди.

 „Поместувањето на часовниците за еден час нанапред може да изгледа како мала промена, но може да има значително влијание врз нашите тела и умови. Чувствителните луѓе се особено изложени на ризик – постарите, хронично болните и учениците. Причината за проблемот е што со префрлување на летно сметање на времето, го нарушуваме нашиот вообичаен режим на спиење, а квалитетот на спиењето е основата за животната рамнотежа“, рече Младенка Ткалчиќ од отсекот за психологија на Филозофскиот факултет во Ријека.

„Во телото и во нашиот мозо постои внатрешен часовник кој регулира различни физиолошки и психофизиолошки процеси во организамот. Циклично варираат во период од прилика 24 часа различни хормони во крвта, крвен притисок, моторичкото и когнитивното функционирање. Нашиот внатрешен часовник има свој ритам, но не е целосно независен од факторите од околината“, изјави Ткалчиќ.

Таа препорачува попладневна дремка не поголема од 30 минути по преоѓањето на летното сметање на времето.

„Потребно е околу една недела за просечниот човек целосно да се прилагоди на летното сметање на времето. Можеме да му помогнеме на нашите тела да го помине овој период што е можно побезболно. Оваа недела секоја вечер треба да си легнуваме десет минути порано и исто толку порано да се будиме. По потреба можеме да дремеме и попладне, но не подолго од 30 минути“, вели таа.

Извор: mk.tv21.tv

Грција ја зголемува минималната плата за 50 евра за да држи чекор со трошоците на живот: Од први април ќе изнесува околу 880 евра

Минималецот во Грција треба да се зголеми за 40 до 50 евра и да достигне 870 или 880 евра почнувајќи од 1 април годинава. Слична стапка на раст предвидена во следните години. Ова претставува усогласување со целите на владата да ја зголеми минималната плата на 950 евра до 2027 година, а просечната плата на 1.500 евра, објави грчкиот весник То Вима.

За да се постигне целта за просечна плата од 1.500 евра до крајот на четиригодишниот мандат на грчката влада, потребно е годишно зголемување на просечната плата од приближно 5,3%. Ова значи дека годишните зголемувања би требало да надминат околу 60 евра, се додава.

Според годишниот извештај на онлајн системот ЕРГАНИ, просечната плата во 2024 година треба да порасне на 1.313,55 евра од 1.251 евро во 2023 година.

Сепак, иако Грција ја зголеми минималната плата за 9,5% во 2023 година, таа едвај го задржа чекорот со инфлацијата, која во декември истата година изнесуваше 3,7%, тврди грчката Генерална конфедерација на трудот (ГСЕЕ) повика на позначајно зголемување на минималната плата и враќање на правата за колективно договарање за подобра заштита на работниците.

Дека одговорот на Грција на тековната криза на трошоците за живот се покажува како несоодветен, со високи трошоци за домување, недоволно зголемување на платите и речиси половина од домаќинствата не можат да си дозволат основни потреби, се нотира и во извештајот на Европскиот комитет за социјални права (ЕЦСР) од 2024 година.

Извештајот, кој ги оценува активностите на 41 европска земја, ја нагласува итната потреба за посилна социјална заштита бидејќи инфлацијата и трошоците за домување продолжуваат да ги оптоваруваат најранливите популации во земјата.

Трошоците за домување се голема грижа. Грција е меѓу земјите на ЕУ каде домаќинствата со ниски приходи трошат најголем дел од својот приход за домување, со 62,4% од приходот потрошен од сиромашните домаќинства. За оние кои живеат под прагот на сиромаштија, оваа бројка достигна 38,2% во 2023 година, од 36,9% во 2020 година. Дополнително, речиси половина (47,3%) од грчките домаќинства имаат заостанати сметки за хипотека, кирија или за комунални услуги, една од највисоките стапки во Европа. За споредба, просекот на ЕУ за трошоците за домување како процент од приходот е 19,7%.

И покрај привремените мерки за помош, како што е „кошничката за домаќинство“ за стабилизирање на цените и финансиската помош за пензионерите, грчката Национална комисија за човекови права (GNCHR) предупредува дека овие напори се недоволни.

Извор: pari.com.mk

КОЈ ЌЕ МОЖЕ ДА ОДИ ВО ПЕНЗИЈА ВО ГЕРМАНИЈА ПРЕД 67 ГОДИНИ – ако сте родени пред 1964 година, ја имате оваа предност

Редовната возраст за пензионирање во Германија постепено се зголемува на 67 години. Но, не мора секој да работи дотогаш. Еве кој сè уште може да се пензионира предвреме без намалувања - и какви исклучоци постојат.

Возраста за пензионирање во Германија со години постепено се зголемува. Секој што сака да се пензионира денес мора - во зависност од годината на раѓање - да работи подолго од претходните генерации. Сепак, ова не важи за секого - не сите се засегнати од старосната граница од 67 години.

Кој сè уште може да се пензионира пред 67 години?

За сите оние кои се родени пред 1947 година, редовната возраст за пензионирање беше 65 години. Оттогаш, таа постепено се зголемува: 

  • Генерации од 1947 до 1963 година: постепено зголемување на возраста за пензионирање од 65 на 67 години. 
  • Генерации од 1964 година наваму: редовно пензионирање само на возраст од 67 години.

Ова значи: секој роден во 1963 година или порано може да оди редовно во пензија пред својот 67-ми роденден, под услов да платил задолжително пензиско осигурување најмалку пет години. Само оние кои го исполнуваат овој услов можат воопшто да добијат старосна пензија.

„Пензионирање на 63 години“ станува „пензија на 65 години“ 

Под одредени услови, можно е да се пензионира пред редовната возраст за пензионирање без никакво намалување. Ова се однесува на луѓе со долгогодишен стаж. Ова ги вклучува сите кои имаат најмалку 45 години придонеси за пензиско осигурување.

Оваа пензија без намалување често се нарекува „пензија на 63 години“, но оваа граница важи само за оние родени пред 1953 година. За помладите генерации, старосната граница и овде постепено се зголемува – така што од генерацијата од 1964 година, „пензијата на 63 години“ станува „пензија на 65 години“.

Услови по година на раѓање за пензија без намалување: 

  • Роден пред 1953 година: Пензионирање на возраст од 63 години 
  • Роден во 1953 година: 63 години + 2 месеци
  • родени во 1954 година: 63 години + 4 месеци 
  • родени во 1955 година: 63 години + 6 месеци
  • родени во 1956: 63 години + 8 месеци 
  • родени во 1957 година: 63 години + 10 години 
  • родени во 1958 година: на возраст од 64 години 1: 64 години + 6 месеци 
  • родени во 1962 година: 64 години + 8 месеци 
  • родени во 1963 година: 64 години + 10 месеци 
  • родени од 1964 година: на 65 -годишна возраст, така, секој што е роден пред 1964 година и има најмалку 45 години работен стаж сè уште може да се пензионира пред 65 -годишна возраст без никакво намалување.

Пензија со намалување – кој може да ја добие на 63 или 64 години?

Секој со најмалку 35 години придонеси може да се пензионира на 63 години - но тоа тогаш ќе биде со намалување. Намалувањето е 0,3 отсто месечно на предвремено пензионирање во однос на редовната возраст. Пензијата потоа останува трајно намалена.

Специјални случаи - кој друг може да се пензионира предвреме?

Некои групи, без оглед на годината на раѓање, можат да се пензионираат порано. На пример. Лицата со потврда за тежок инвалидитет можат да се пензионираат на 65-годишна возраст без никакво намалување, а со намалување дури и од 62-годишна возраст. Посебни прописи важат и за некои професии со физички напор (на пр. рудари).

Извор: faktor.mk

Посебен режим на сообраќај во Скопје поради најавениот протестен марш од 19:00 часот

СВР Скопје ги известува граѓаните дека денеска со почеток од 19.00 часот поради одржување на протестен марш, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје, соопштија од МВР.

СВР Скопје ги известува граѓаните дека денеска со почеток од 19.00 часот поради одржување на протестен марш, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје, соопштија од МВР.

Протестниот марш ќе започне на Плоштад „Македонија“, а во 19.30 часот ќе се продолжи со движење кон Собрание на РСМ на ул.„11-ти Октомври“, потоа по ул.„Филип Втори Македонски“, лево по бул.„Гоце Делчев“ до пред Влада на РСМ на бул.„Илинден“.

СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.

Извор: skopjeinfo.mk

Vrabotuvanje.com.mk користи колачиња (анг. cookies) за да ви овозможи подобро корисничко искуство. Повеќе информации можете да прочитате овде