Аукциската куќа Christie’s објави дека го продава на аукција познатиот портрет на Мерлин Монро од Енди Ворхол по почетна цена од 200 милиони долари во мај, со што делото ќе биде најскапо продаденото уметничко дело на 20 век.
Портретот, насликан од Енди Ворхол во 1964 година, „е најзначајната слика на 20 век, која ќе биде продадена на аукција“, се вели во соопштението на аукциската куќа.
Претставниците на компанијата на прес-конференција изјавија дека познатиот портрет на Мерлин Монро и припаѓа на фондацијата Томас и Дорис Аман од Цирих, Швајцарија, која ќе ги донира средствата од продажбата за „подобрување на животот на децата ширум светот преку здравје и образовни програми“.
Апсолутниот рекорд поставен за продажба на уметничко дело на аукција го држи „Спасителот на светот“ на Леонардо да Винчи, продаден на аукција во Christie’s во Њујорк во ноември 2017 година за 450,3 милиони долари.
„Жените од Алжир“ на Пабло Пикасо го држи рекордот за дела од 20 век. Продадено е во мај 2015 година на аукцијата на Christie’s за 179,4 милиони долари.
Работата на Ворхол прикажува близок кадар на Монро со жолта коса, сини сенки за очи и светло црвени усни и е создадена во 1964 година. Тој насликал неколку портрети на Монро по нејзината смрт, од кои секој бил насликан на позадина во различни бои – црвена, портокалова, сина итн.