
Поскапување на сите видови на огревно дрво објави државното претпријатие „Национални шуми“. Цените се зголемени за 20 отсто во однос на претходните кои не се променети од 2009.
Најскапото и најквалитетното дрво – она од даб, се зголемува од 2.900 денари на 3.564 денари по кубен метар. Во Ценовникот поскапени се и другите огревни дрва – буката е 3.444 денари, јаворот е 3.204, тополата е 3.084 денари по кубик, итн.
Одлуката следува откако месецов Владата се реши за определување највисоката трговска маржа на 10 отсто како посебен услов во трговијата за: огревно дрво од даб; огревно дрво од бука и пелети за огрев. Истовремено забранет е и извозот на овие производи.
„Национални шуми“ годинава планираат да произведат околу 400.000м3 огревно дрво, што е за 50.000м3 повеќе од лани. Но, годинава значително се зголемил и интересот на граѓаните да се греат на дрва, а од претпријатието велат дека листата на чекање станува се подолга.