
Од ноември, Скопје останува без директна авиолинија со Женева. Нискобуџетната компанија „ЕasyJet“ планира да ги прекине врските меѓу Женева и Скопје од почетокот на зимската сезона 2024/25, со што ќе заврши тригодишната континуирана услуга на македонскиот главен град, пишува „Ex-Yu Aviation“.
Во летниот период (јуни – октомври), компанијата ќе ги сведе летовите на два пати неделно, а минатото лето имаше по четири.
Авиокомпанијата, како што стои во објавата, го закажала својот последен лет меѓу двата града за 1 ноември, а продажбата на билетите е прекината.
„EasyJet“ влезе на македонскиот пазар во ноември 2021 година и е единствениот оператор меѓу Женева и Скопје. Тогаш од авиокомпанијата изјавија дека ќе ја одржуваат линијата доколку имаат патници, што е во рамки на нивната политика на одржување линии кои се популарни за патниците.