Живеејќи во земја чии возови не се познати по својата брзина, дали некогаш сте се запрашале, можеби од чиста фрустрација или љубопитност, каде сообраќа најбрзиот воз во Европа?
Брзите возови стануваат сè попопуларна алтернатива за истражување на стариот континент. Само во Италија бројот на патници се зголемил за 517 отсто - од 6,5 милиони во 2008 година на 40 милиони во 2018 година.
Возот Париз-Милан на Trenitalia беше претставен во декември 2021 година и го користи моделот ETR1000 на Hitachi Rail. Овој супербрз воз се движи со брзина од 300 km/h, со потенцијал да достигне 400 km/h доколку дозволат регулативите на пругата, што го прави најбрзиот воз во Европа.
Во првите девет месеци од работењето, оваа нова рута мотивираше многу патници да се префрлат од авиони во воз, а бројот на патници се зголеми за 57 проценти. Возовите ETR1000 веќе сообраќаат во Италија, Франција и Шпанија (каде што ги управува ILSA под името IYRO), а соодветните шини се достапни и во пет други европски земји.
„Кога зборуваме за емисиите, авионите се најлоши бидејќи испуштаат седум пати повеќе штетни гасови од автомобилите“, изјави Лука Д'Аквила, оперативен директор на Hitachi Italy, за Euronews Travel. „И дури 20 пати повеќе од возовите.
ЕТР1000 користи електрична енергија, што значи дека не придонесува кон загадување на воздухот. Возовите се изработени од 94,4 проценти рециклирачки материјали. ЕУ постави цели за намалување на емисиите за 55 проценти до 2030 година и целосна климатска неутралност до 2050 година.
Иако електричните автомобили се сè повеќе користат низ Европа, што значително ќе ги намали емисиите од личниот транспорт, јавниот превоз останува подобар избор.
„Јавниот превоз е многу поефикасен од индивидуалниот. На пример, патничките автомобили трошат околу седум пати повеќе електрична енергија,“ објаснува Хералд Рујтерс, директор на DG Move, телото на Европската комисија одговорно за транспорт, и додава: „Дури и во иднина, кога ќе ја постигнеме целосната декарбонизација, јавниот превоз ќе остане клучен, како поради капацитетот, така и поради енергетската ефикасност.“
Време и удобност
Доколку екологијата помалку ве интересира, а повеќе ве привлекуваат заштедата на време и удобно патување, возовите сè уште се одлична опција. Hitachi ETR1000 има четири типа вагони – Executive, Business, Premium и Standard – за да одговара на различни буџети.
Дури и во стандардната класа, патниците уживаат во удобни кожни седишта. Со тврдењето дека овој воз е најтивкиот и најстабилниот во Европа, патувањето ќе биде релаксирачко без разлика на класата. Ако се земе предвид дополнителното време што го губите при пристигнување на аеродромот, безбедносните проверки и чекањето, патувањето со воз сè уште може да биде конкурентно по времетраење.
На пример, популарната рута Милано–Рим привлече голем број патници да се префрлат од авион на воз. Директниот лет трае околу 1 час и 10 минути, додека италијанскиот ЕТР1000, познат како Фречароса (Црвена стрела), пристигнува за само 3 часа и 15 минути. Без потреба од патување до аеродромите на периферијата на градот, значително се штеди време.
Денес, 75 проценти од патниците на оваа рута го избираат возот, а истражувањата на Hitachi покажуваат дека 92,5 проценти од патниците го оценуваат своето искуство со оцена 7 од 10 или повисока.
Поузданоста на возот се мери со само 0,6 поголеми проблеми на еден милион изминати километри. За споредба, рутата Рим–Милано е долга околу 574 км. Доколку би патувале со овој воз повеќе од 8.500 пати, би можеле да доживеете само три прекини во патувањето.