
По успешната граѓанска акција во Хрватска, на социјалните мрежи во Босна и Херцеговина се шират повици за бојкот на продавници, бензински пумпи, кафулиња и ресторани в петок, на 31 јануари, како израз на незадоволство од високите цени и нискиот животен стандард.
Иницијаторите на кампањата ги повикуваат граѓаните да не купуваат ништо тој ден и однапред да ги обезбедат потребните намирници, да готват дома и да избегнуваат трошење пари во рестораните.
Граѓаните на форумите на интернет истакнуваат дека цените на храната во БиХ се повисоки отколку во некои развиени земји како Германија, додека трошоците за домување и натаму се неподносливи.
Иницијаторите на бојкотот посочуваат дека целта на акцијата е да се изврши притисок врз властите и работодавачите да преземат конкретни мерки за намалување на инфлацијата, зголемување на минималната плата и подобрување на севкупниот животен стандард на граѓаните.
Извор: vecer.press