
Овогодинешниот попис донесе интересни резултати, особено на Охридското Езеро, каде што беа избројани 27.000 единки – бројка што се врати на нивото од пред десет години.
На 18 и 19 јануари 2025 година, Македонското еколошко друштво (МЕД) по 16-ти пат го спроведе зимскиот попис на водните птици на трите природни езера во Македонија – Охридско, Преспанско и Дојранско – како и на десет други помали акумулации. Оваа меѓународна акција е дел од најголемото волонтерско пребројување на водни птици во светот, предводено од Wetlands International, кое започна уште во 1967 година.
Овогодинешниот попис донесе интересни резултати, особено на Охридското Езеро, каде што беа избројани 27.000 единки – бројка што се врати на нивото од пред десет години.
„Ова е значајно достигнување бидејќи бројноста на птиците е еден од клучните критериуми за прогласување на едно подрачје за Рамсарско подрачје, според Конвенцијата за заштита на влажните живеалишта. Ако на едно подрачје се евидентираат над 20.000 единки во одреден период од годината, тоа е предуслов за заштита на меѓународно ниво,“ истакнува Данка Узунова, координатор на проектот за птици во МЕД.
И покрај тешките зимски услови и снежната покривка, тимовите од вработени и волонтери на МЕД, заедно со претставници на релевантни институции, ги покрија сите планирани локации и дојдоа до детални податоци за состојбата на водните птици во земјата.
Преспанско и Дојранско Езеро со загрижувачки трендови
На Преспанското Езеро беа избројани 10.000 единки, што е благо подобрување во однос на изминатите три години, но сè уште далеку под историскиот просек. Намалената бројност може да биде показател за промените во водостојот, но исто така отвора и прашања за пошироки еколошки промени.
„Во последните пет години забележуваме тренд на намалување на бројноста на водните птици на Преспанското Езеро. Овие флуктуации можат да бидат резултат на различни фактори – од климатските промени до човечкиот фактор – и затоа е клучно да продолжиме со континуираниот мониторинг,“ додава Узунова.
Ситуацијата на Дојранското Езеро е уште позагрижувачка. Оваа година се евидентирани само 4.000 единки, што е значително помалку во однос на претходните години, кога бројките достигнуваа и до 10.000 единки. Една од причините за овој пад е нелегалниот лов, кој директно ја загрозува популацијата на водните птици.
„Додека спроведувавме попис, наидовме на ловџии кои со помош на мамки и повици привлекуваа водни птици – практика што е забранета со националните и меѓународните закони. Веќе сме во комуникација со општината и концесионерот на ловиштето за да се преземат мерки и да се спречат ваквите инциденти во иднина,“ нагласува Узунова.
Зимскиот попис на водните птици е најмасовната и најдолготрајната еколошка акција од ваков тип во светот. Овие податоци се од клучно значење за креирање на политики за заштита на водните живеалишта, но и за следење на глобалните трендови во биодиверзитетот.
„Со овој попис не само што утврдуваме кои видови се присутни, туку добиваме и долгорочни податоци за нивната бројност. Овие трендови ни помагаат да разбереме дали некои видови се стабилни, дали се во опаѓање, и кои се причините за таквите промени – било да е тоа климатска криза или човечки фактор,“ истакнува Узунова.
МЕД е национален партнер во оваа меѓународна иницијатива од 2010 година и оттогаш го спроведува зимскиот попис на национално ниво, обезбедувајќи значајни податоци за заштитата на биодиверзитетот во Македонија.