
Поскапеа шеќерот, млечните производи, маслото во светски рамки.
Светските цени на храната се зголемија во февруари во споредба со јануарските вредности, особено цените на шеќерот, кои поскапеа за 6,6 отсто, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Цените на шеќерот и натаму се за 15,8 отсто пониски во однос на истиот месец минатата година.
Просечната вредност на индексот на цените на млечните производи се зголеми месечно за четири отсто, додека на годишно ниво растот е 23,2 отсто. Месечни поскапувања се забележани кај сите категории млечни производи.
Вредноста на индексот на цените на растителното масло во февруари се зголеми за два отсто на 156 поени, што е за 29,1 отсто повисока во однос на истиот месец лани. Зголемувањето на индексот е поттикнато од повисоките котации за палминото, соиното и сончогледовото масло, како и маслото од репка. Цените на житото благо поскапеа за 0,7 отсто на месечна основа, на 112,6 поени, поттикнати од растот на цените на пченицата и пченката, додека тие беа намалени за 1,2 отсто на годишно ниво. Индексот на цените на месото има благо намалување од 0,1 отсто на месечно ниво, на 118 поени, што е за 4,8 отсто повисоко во однос на истиот месец лани.
Извор: faktor.mk