
Се зголемува странската посетеност, а се намалува бројот на домашните гости, покажува туристичката статистика. И во јануари најмногу туристи дошле во Скопје. Најбројни се Турците, а престој во државата имале и по тројца туристи од Луксембург и од Јужна Африка.
Од јануари 2024 до јануари годинава низ Македонија прошетале 1.260.425 посетители, а нивниот број е зголемен за 4,4 насто. Зад себе оставиле и зголемен за 4,7 проценти број на ноќевања – 3.297.732, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Осипување за 4,9 отсто е забележано кај домашните гости, чиј број на годишно ниво е 430.246. Тоа се рефлектира и кај ноќевањата. Остварени се 1.765.093 ноќевања, за 7,9 отсто помалку отколку лани во јануари. Наспроти тоа, зголемен е туристичкиот интерес на странците, за 10,8 проценти во однос на јануари 2024 година. Или, вкупно дошле 830.179 лица, а бројот на ноќевањата е 1.532.639 со раст од 16,5 насто.
А, само во текот на првиот месец од годинава вкупниот број на туристи достигнал 49.870, меѓу кои 18.368 (36,8%) се домашни, а 31.502 (63,2%) се странци. Притоа, регистрирани се 106.894 ноќевања. Од домашните гости се реализирани 45.483 (42,5%), а од странските 61.411 (57,5%).
Главниот град е значајна туристичка дестинација со 18.896 посетители во јануари. Од нив 2.732 се домашни, а 16.164 се странски гости. Овде се направени 34.639 ноќевања: од домашните гости 4.272 и од странските – 30.367.
Со 27 проценти во структурата на туристите доминантни се Турците. Во јануари од таа држава во македонија дошле 8.510 посетители, а реализирале 16.450 ноќевања.
Извор: pari.com.mk