
Бугарија во последните години забележа рекорден прилив на работници од земји што не се членки на ЕУ, но, сепак побарувачката за работна сила во различни индустрии останува незадоволена.
Од почетокот на годинава, само за сезонски вработувања се регистрирани 4.202 државјани од трети земји, што веќе сочинува 40 % од сите евидентирани сезонски работници за цела 2024 година, информира министерот за социјални работи, Борислав Гуцанов.
Во изминатите шест години, повеќе од 108.000 странски државјани од 65 различни земји пристигнале во Бугарија, на работа.
Само во 2024 година, вкупно 34.720 работници од земји што не се членки на ЕУ биле вработени според еден од деветте постојни режими за прием. Најчесто користена шема била единствената дозвола за престој и работа, која овозможува пристап до пазарот на трудот за три години, информира „Новините“. Оваа дозвола ја користеле вкупно 13.131 работник. Вториот најпопуларен аранжман бил поедноставената процедура за сезонско вработување, дозволувајќи престој до 90 дена.
Во 2024 година, оваа шема ја користеле 10.403 странски работници. Меѓу застапените националности, најголемата група дошла од Узбекистан, со 10.514 работници, кои пристигнале меѓу 2019 и 2024 година. Тие претежно работат на сезонски работни места, во градежништвото и во преработувачката индустрија. Турските работници ја сочинуваат втората група по големина, со вкупно 10.441 лице. Тие првенствено пристигнуваат како специјалисти, инженери и средно-технички персонал, работејќи претежно во градежништвото и во сезонските работи.
Извор: vecer.press