
Замислете дека сосема се испустени Куманово, Струга и Богданци. Или Битола, Гостивар и Гевгелија. Можеби скопските Аеродром, Центар и Ѓорче Петров? Заминале сите, до последниот.
Тешко е да се замисли, но бројот на жителите од посочените примери соодветствува на разликата помеѓу активното население во 2024 и 2014 година. Овој дел од популацијата, кој ја претставува работната сила, за една деценија е намален за 166.219 лица. Македонија го плаќа данокот на погрешните политики во сите општествени сегменти, кои на големо се рефлектираат во демографските движења.
Според последните податоци што неодамна ги објави Државниот завод за статистика, на кои се базира и анализата на порталот Пари, активното население минатата година броело 792.779 лица. Вработени се 694.506, невработени – 98.273 лица.
„Ова што денес се случува од аспект на наталитетот, морталитетот, активното население, пензионирањето итн, тоа е резултат на изминатите повеќе од две децении. Сега дојде резултатот. Се намалува населението. Тие над 160 илјади што ги нема, тие сега требаше да работат. Тоа е работна сила на возраст помеѓу 25 и 40 години“, вели социологот, професор д-р Илија Ацески.
Како главна причина го посочува иселувањето, кое се случува поради тоа што за младите Македонија е неперспективна земја.
„Иселувањето, пред сѐ. Вториот момент – долги години наназад се намалува бројот на новородени, односно опаѓа наталитетот. За сметка на тоа се зголемува возрасната граница. Тоа е знак дека Македонија е во земјите, во онаа група со старо население. Просечната возраст на населението е некаде 40 години, што не е воопшто добро кога зборуваме за активно население кое треба да создава, да работи. Сето тоа е разултат на изминатите две-три децении, без разлика кој бил на власт, бидејќи немаме здрава елементарна демографска политика. За мене тоа значи, пред сѐ, како еден поголем дел од тие млади луѓе да се задржат во Македонија, тука да ја видат својата перспектива. Да почнат да работат и да создаваат нова вредност“, дециден е професорот.
ЗА 10 ГОДИНИ МИНУС 170.536 НЕВРАБОТЕНИ
Статистичките показатели не се оптимистички. Стапката на активност е 52,3 проценти и е пониска од таа што ја одразува состојбата од пред десет години (57,3%).
Целиот текст прочитајте го на: pari.com.mk