Ваква беше состојбата во текот на 2020 година, велат надлежните. За оваа година не се знае како ќе поминат земјоделците кои ја засадиле оваа култура.
„Според обработените податоци добиени од Подрачните единици на Министерството, површините на кои се одгледува сончоглед во 2020 година се зголемени за 5 отсто во однос на 2019 година, додека производството е намалено за околу 10 отсто поради намалениот просечен принос по хектар, за што големо влијание имаат агротехничките услови и климатските промени. По однос на увозот, според обработените податоци од ДЗС во 2020 година увозот на семе од сончоглед изнесува околу 3.170 тони, најмногу од Бугарија и Србија, кое најверојатно се употребува во пекарско-кондиторската индустрија“, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Иван Зафировски, агроном од Битола објаснува дека на сончогледот најмногу му пречи сушата и додава дека битолскиот крај и делови од западна Македонија имаат поволни услови за одгледување на сончоглед, но тоа не е случај со источниот дел. Вели дека ако некој на истокот сади сончоглед, големи се шансите тоа да биде со загуба откако ќе има слаб принос. Сепак, смета дека со текот на годините и производството на сончоглед станува неисплатливо. Зафировски вели дека луѓето бараат начин со помалку работа да заработат, но тоа не е такаl лесно, посебно доколку не се обезбеди пласман.
„Број еден фактор кој му нанесува штета на сончогледот е сушата. Луѓето ќе засадат и очекуваат приноси од 2-3 тони, но на крај може да излезе да има род само од 600 или 700 килограми. Една година да нема пласман, луѓето се откажуваат. Сепак, сончогледот е култура која освен чистење од плевели, прехранување, не бара многу работа. За да биде исплатливо одгледувањето на сончоглед, треба да има цена од најмалку 30 денари, и треба да има пласман. Без пласман нема ништо“, вели Зафировски.
Агрономот Ванчо Стојчевски од Делчево вели дека во делчевско не се сади сончоглед и така било отсекогаш.
„Овде скоро и да не се сади сончоглед, затоа што имаме малку сончеви денови и нема добри услови за таа култура. Овде успева компирот, сливите, јаболката, пченката“, рече Стојчевски.
Состојбата со производството на сончоглед е горе долу слична и во регионот. Србија е конкурентен производител на сончоглед и тоа се темели на добрите приноси во подрачја кои се помалку погодни за друг вид на производство. Во Србија постојат села во кои сите домаќинства ја одгледуваат оваа култура. Србија е 16-та во светот по производство на сончоглед и 9-та во Европа. Романија и Бугарија произведуваат четири пати повеќе од Србија.
Извoр : https://faktor.mk/