Дали вакцинираните лица пак можат да бидат позитивни на Ковид-19?
Вакцините можат да создадат два вида на имунитет - ефективен имунитет или стерилизирачки имунитет. Стерилизирачкиот имунитет е целосна заштита од вирус - ниту една честичка на вирусот не може да навлезе во ниту една клетка во телото, не може да се реплицира и пренесувањето може да се запре.
„Тоа е како светиот грал на вакцините“, Изјавила за DW Сара Кеди, соработник по клиничко истражување по вирусна имунологија на универзитетот Кембриџ. „Но, тоа е навистина тешко да се постигне. Да се запре влегувањето на какви било честички на вирусот е практично невозможно“.
Ефективниот имунитет го спречува вирусот да предизвика тешка болест, но не спречува да бидете заразени или да го пренесувате вирусот.
Повеќето вакцини можат да ограничат колку вирус влегува во организмот, но сепак ќе има репликација на вирусот. Сепак, вакцинирањето треба да резултира со доволно антитела за да се намали колку се реплицира вирусот, изјави Кеди за DW. „Затоа гледаме значително намалување на болеста, но сепак потенцијално гледаме некаква репликација на вирусот, која потоа се открива како асимптоматска инфекција“.
Дали вакцинираните лица можат да го пренесат вирусот?
Во моментов нема доволно податоци за да се знае дали mRNA и векторските вакцини против Ковид-19 можат да го спречат или намалат пренесувањето, според Институтот Роберт Кох (РКИ).
Додека не бидат достапни тие податоци, вакцинираните лица и луѓето околу нив треба да продолжат да ги следат препорачаните заштитни мерки, како носење маска, држење на растојание и редовно миење на рацете, наведува РКИ.
Повеќето вакцини не можат да го спречат пренесувањето, рече Кеди, вклучувајќи го и поголемиот дел од вакцините што се користат подолго време. „Тие не можат да предизвикаат стерилизациски имунитет, но го намалуваат пренесувањето, што е доволно за да се запре вирусот кај популацијата“.
Дали вакцинираните лица можат да се разболат со Ковид-19?
Да, можно е да се разболите со Ковид-19 дури и по вакцинирањето. Но, вакцинацијата помага да се спречи сериозна, опасна по живот болест. Ако сте вакцинирани, најверојатно ќе бидете асимптоматски или ќе добиете лесна верзија на болеста. Вакцината Фајзер/Бионтек е 95% ефикасна во спречување на болести од оригиналниот вид, додека Модерна е 94%, а Окфорд -АстраЗенека е 76% ефикасна.
Може ли вакцината да заштити од новите варијанти B1351 и B117?
Како што се појавуваат нови варијанти на коронавирусот, ефикасноста на тековните вакцини може да се промени. Вакцината Фајзер/Бионтек најверојатно ќе биде ефикасна против високоинфективната варијанта Б117 на вирусот, иако нејзината ефикасност е малку засегната, според научниците од Универзитетот Кембриџ. Но, мутацијата E484K - првпат видена во варијантата Б1351 - значително ја зголемува количината на антитела потребни за да се спречи инфекцијата. Податоците сè уште ќе подложат на проверки, бидејќи вклучувале само мал број пациенти.
Јужна Африка одлучи да го суспендира користењето на вакцините Оксфорд-АстраЗенека, откако студијата спроведена на околу 2.000 луѓе откри дека вакцината нуди мала заштита од благи и умерени случаи на Ковид-19.
Шабир Мади, професор на Универзитетот Витватерсранд во Јоханесбург, изјави за DW дека неодамна објавените научни податоци покажуваат дека вакцината Оксфорд-АстраЗенека е само 22% ефикасна против варијантата на коронавирус 501YV2 (позната и како Б1351), која е доминантна низ Јужна Африка. .
Дали вакцината против Ковид-19 ќе предизвика позитивен тест?
Вакцините Фајзер/Бионтек, Модерна и Оксфорд-АстраЗенека не можат да предизвикаат позитивен тест за Ковид-19 на тестовите кои се користат за да се види дали имате тековна инфекција. Вакцините не го содржат самиот коронавирус.
Ако вашето тело развие имунолошки одговор, што е целта на вакцинацијата, можно е да имате позитивен тест на некои тестови за антитела, кои ви кажуваат дали сте имале претходна инфекција, наведува американската здравствена агенција Центар за контрола и превенција на болести ( ЦДЦ).
Може ли вакцината против Ковид-19 да ви пренесе коронавирус?
Вакцините Фајзер/Бионтек, Модерна и Оксфорд-АстраЗенека не можат да ви пренесат Ковид-19, бидејќи вакцините не го содржат самиот коронавирус. Вакцините го учат вашиот имунолошки систем како да препознаете и да се бори против вирусот што предизвикува ковид, според ЦДЦ.
Целиот тект на Дојче Веле на Македонски