Општина Карпош ќе им доделува субвенции на своите жители кои ќе купат нови велосипеди. Притоа, ќе покрива 30 отсто од сумата за платениот велосипед, но најмногу 3.000 денари. Акцијата ќе почне утре и ќе трае до исцрпување на предвидените финансиски средства.
– За оваа намена, Општината од својот буџет издвои 500.000 денари, а субвенционирањето ќе се одвива по принципот „прв дојден, прв услужен“ - информираат од локалната самоуправа за одлуката која ја донесоа советниците на денешната седница.
Советниците одобрија и три проекти од областа на образованието во општина Карпош. За шестмесечниот проект „Инклузивно активен свет – Карпош“ ќе намени околу 150.000 денари за подобрување на образовните услови на децата со попреченост, преку креирање општинска програма за нивна социјална инклузија.
Со 50.000 денари Карпош ќе го финансира и осуммесечниот проект на Здружението „ИМПЕТУС“ насловен „Младите заедно во еко заштита“, со кој треба да се мотивираат основците од општината да се вклучат во селекција на отпадот и заштитата на непосредната животна околина.
Советниците на седницата одобрија и средства за награди од по 10.000 денари за полуматурантите – првенци на генерација од основните училишта во Карпош, како и дополнителни 30 милиони денари за Програмата од областа на екологијата и енергетската ефикасност за 2021 година (односно 186.600.000 наместо досегашните 156.000.000 денари), кои се наменети за подобрување на јавната чистота, обновување на урбаната опрема, јавното осветлување итн.