Секоја компанија има барем еден работник кој најдобро ги знае работите и се чини дека знае сè и секого. Да се биде незаменлив дел од тимот има голем број бенефиции. Да се биде неопходен на работа значи да бидете незаменливи.
Некои работодавци живеат со идејата дека сите вработени се лесно заменливи. Вистина е дека секогаш постои некој кој може да ја преземе одговорноста која ја носи вашата работа додека сте вие на годишниот одмор или сте отсутни од други причини, но сепак постои начин на кој вие можете да се осигурате дека за другите ќе биде речиси невозможно комплетно да ве заменат.
Компанијата која смета дека добрите работници се заменливи, греши. Да, менаџерите можат да вработат друг кој ќе го пополни местото на добриот работник. Денес има толку многу невработени што едвај чекаат да им се понуди работно место. Но, дали некој од нив ќе успее да го замени добриот работник?
Бизнис лидерите кои мислат дека секој е заменлив и дека ако вработат некој со поголеми вештини или попрестижна диплома ќе го пополнат местото на добриот работник, се лажат. Кога една компанија има вистински добар работник, истиот тој има таква вредност што едноставно не може да се замени.
Добрите работници знаат како работи компанијата,ги познаваат производите, услугите и начинот на кој целата организација функционира. Тие се врска помеѓу клиентот и компанијата – врска која се градела со години. Тие искусиле и виделе од што компанијата може да има полза и на што треба најмногу да се внимава. Добрите работници се сакани и почитувани од останатите колеги и нивното отсуство може да има влијание врз корпоративната култура.
Кога една компанија ќе остане без добриот работник, кај другите вработени се создава сомнеж кој наметнува прашања од типот “Зашто таа личност си замина и како компанијата го дозволи тоа? Се случува ли нешто тука за кое треба да се загрижам? Можеби и јас треба да почнам да барам нова работа”.
Вработените нема да бидат единствените што ќе се прашуваат што се случило. Често пати и клиентите се изненадени од таквата одлука, особено оние кои имале доверба во добриот работник, па оттаму и прашањата “Постои ли нешто тука што треба да ме загрижува? Зошто овој добар работник си замина? Можеби треба да размислам за понатамошната соработка со компанијата.”
Исто така, наоѓањето замена за добриот работник ќе ја чини компанијата многу повеќе, ако се земе во предвид времето и парите што ќе бидат потребни за да се обучи новиот работник во целост.
Токму затоа ако постои опција да ги задржат добрите работници треба тоа и да се направи. Компаниите кое сакаат да ги задржат најдобрите работници треба истите да ги третираат со почитта која ја заслужуваат, затоа што на крајот на денот ќе се потврди горенаведеното, дека успехот на компанијата се должи на добрите работници, на оние посветени мажи и жени кои го вложуваат својот талент и време за доброто на вашата компанија.
Една од најважните лекции која секој претприемач мора да ја совлада е дека одличните вработени се незаменливи.