Граѓаните ќе смеат да исплаќаат или примаат пари во кеш во вредност до 2.000 евра. Се што е над оваа сума ќе мора да помине преку банка или штедилница. Сега исплати и уплати во готово можат да се вршат во вредност до 15.000 евра. Намалувањето за 13.000 евра е предвидено со измените на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам кои што вчера добија зелено светло од Владата. Член 51 од Законот вели:
Се забранува вршење на готовински плаќања, односно исплата, примање на готови пари или размена на валута во износ од 2.000 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе поврзани трансакции, што не е извршено преку банка или штедилница“.
Плаќањата сега ќе мора да бидат регистрирани во платниот промет што значи дека ќе бидат оданочени според Закон.
Во насока на намалување на сивата економија се намалува износот на забрана за вршење на готовински плаќања од 15.000 на 2.000 евра ова е исклучиво во насока на намалување на сивата економија, рече владиониот портпарол, Миле Бошњаковски.
Од Министерството за финансии кое што е предлагач на законските измени велат дека целта на измените не е промена во начинот на плаќање на даноците или во даночната политика. Тврдат дека овие законски измени се донесени по барање на бизнис секторот и на граѓаните за намалување на сивата економија.
Покрај ова, со новиот Закон ќе се зголеми опсегот на јавни функционери кои ќе бидат проверувани за можност за перење пари. Исто така со законските измени ќе се открие кој е вистински сопственик на фирмите.
Не може фирма правно лице да биде вистински сопственик на друго правно лице. Ќе мора да постои податок во Централниот регистар кој со име и презиме е мнозински сопственик, додаде Бошњаковски.
Од Владата велат дека целта на овој Закон е усогласување со европските регулативи за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.
извор: netpress.com.mk