Земјите низ светот постепено ги укинуваат ковид-рестрикциите и продолжуваат со економските и социјалните активности, претпазливо отворајќи ги своите граници и воведувајќи низа правила и ограничувања што треба да ги следат сите посетители. Тоа го прават и земјите од регионот, во кои главно се наоѓаат и летните туристички дестинации што им се омилени на Македонците. Со цел до побезбедни информации и престој на летните дестинации, потребни Ви се овие документи:
Грција
За Грција е потребно сите патници да имаат пополнето ПЛФ-формулар, кој може да се најде на веб-страницата travel.gov.gr, најмалку 24 часа пред датумот на влез. По што се добива потврда со код и се смета за неопходен документ за влез во Грција. Освен тоа, сите патници мора да имаат сертификат за вакцинација. Деца од шест години може да влезат со негативен резултат од ПЦР-тест, не постар од 72 часа. Доколку патниците немаат ниту еден од наведените документи или не ги исполнуваат условите, задолжителен е 10-дневен карантин, кој може да се укине доколку во рок од 24 часа од пристигнувањето се покаже негативен ПЦР-тест.
Албанија
Албанија нема ограничување за влез, излез, транзит или престој на нејзина територија. Таа на први јуни ги отвори границите за сите што сакаат да ја посетат земјата, нема никакви ограничувања без разлика дали станува за тест или посебен документ. За патниците што сакаат да влезат во Албанија по копнен пат, нема 14-дневен карантин, освен во посебни случаи со наредба на здравствените власти. Единствено ограничување во Република Албанија е забраната за движење од 23 до 6 часот. Од 1 јули полицискиот час ќе трае од полноќ до 6 часот изутрина. Движењето во овој временски период е со претходно одобрение.
Бугарија
Влезот во Бугарија е дозволен со потврда за вакцинација против ковид-19, со негативен ПЦР или антиген тест или со документ за прележана инфекција со коронавирус не постар од шест месеци од датумот на влез во земјата.
Црна Гора
Влез во земјата без претходно направен ПЦР-тест е дозволен за туристите од земјите од Западен Балкан. На туристите од Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово и Албанија им е дозволен влез во Црна Гора без негативен ПЦР-тест и без потврда за извршена имунизација.
Меѓу земјите за кои не се бараат проверки се најдоа и државите од Источниот блок – Русија, Белорусија и Украина.
Хрватска
Влезот во Хрватска за граѓаните на Македонија е одобрен за туристички потреби. За влез подолг од 12 часа во Хрватска, потребен е негативен ПЦР-тест или брз антигенски тест за ковид-19. Алтернативно, патниците може да влезат со потврда за целосна вакцинација пред повеќе од 14 дена или, пак, со документ за прележана инфекција на коронавирус, не постар од шест месеци . Доколку патниците немаат ниту еден од наведените документи или не ги исполнуваат условите, задолжителен е 10-дневен карантин. Децата помали од седум години што патуваат во придружба на своите родители/старатели се ослободени од обврската за приложување негативен резултат на тест ако родителите или старателот поседува некој од наведените документи.
Турција
За влез во Турција е потребен негативен ПЦР-тест или официјален документ дека патниците се вакцинирале најмалку 14 дена пред влез во земјата или дека во последните шест месеци ја прележале болеста. Потребен е и формулар за влез, секој што влегува во Турција мора да се регистрира на www.register.health.gov.tr најрано 72 часа пред влегување во земјата и откако ќе се добие кодот, потребно е да го приложи во печатена форма или на мобилниот телефон.
извор: www.novamakedonija.com.mk