Вчера изменети и дополнети законите за субвенциониран студентски оброк.
Во новата академска година, секој студент кој е државјанин на земјава и е запишан како редовен студент на додипломски студии на државните или приватните универзитети, месечно на сметка ќе добива по 2.400 денари наменети за оброк.
Правото за субвенциониран студентски оброк студентите ќе можат да го остварат во периодот од 15 септември до 30 јуни во годината во која се стекнале со ова право, а нема да можат да го користат за време на државни, верски празници и неработни денови.
Наместо законот да се реализира во неговата оригинална форма, односно секој студент да добива 120 денари дневно за оброк, во претстојната академска 2021/22 година вкупната месечна сума ќе се исплаќа на почетокот на секој месец, без ограничување во начинот на трошење.
Министерството за образование и наука исплатата на средствата за користење на правото на субвенциониран студентски оброк ќе ја врши на трансакциска сметка на студентите, во износ еднаков на бројот на субвенционирани оброци на кои студентот има право месечно.
Овие измени ќе важат само една академска година, по што законот ќе продолжи да се применува во неговата изворна форма, односно веќе од наредната година, студентите ќе добиваат по 120 денари дневно за здрав оброк.