Министерството за здравство информирa дека од утре (3 јули) заклучно со 10 јули ќе биде во функција веб-страница за регистрација само за оние граѓани што се вакцинирале во странство и сакаат да се ревакцинираат во земјава.
„Преку регистрацијата на граѓаните на https://vakcinacija.mk/revaccination ќе може да добиеме детален увид за колкава бројка станува збор, со кои вакцини се вакцинирани и кога треба да се ревакцинираат. Страницата за регистрација за ревакцинација ќе биде отворена една недела по што ќе биде затворена регистрацијата. На овој начин ќе ги прецизираме количните и типот на вакцини што ќе ни бидат потребни“, објаснуваат од Министерството.
Од таму нагласуваат дека најголем предизвик за ревакцинација на овие граѓани е фактот што дозите не можело досега да се планираат бидејќи Министерството не можело да знае со што ќе располага во моментот кога тие треба да се ревакцинираат.
„Со вакцината на ‘Астра зенека’ во земјата ќе се ревакцинираат единствено граѓаните над 60 години. За сите други граѓани, по регистрацијата на веб-страницата, ќе направиме обид да се обезбедат доволни количини вакцини по што ќе информираме прецизно во јавноста“, велат од Министерството за здравство.