Младен Маркоски од Гостивар се закити со наградата Најдобар финансиски директор на годината за 2018-та во Бугарија. Престижното признание му беше доделено пред неколку дена на пригодна манифестација организирана по петти пат од консултантската компанија Ernst & Young во Бугарија, која го врши рангирањето на најуспешните професионалци во областа на финансиите.
Кандидатите за наградите се оценуваат според нивните најнови финансиски резултати, лидерство, стратешки насоки, иницијативи, иновации и друго. Гостиварецот победи во категоријата за „Севкупен придонес“, односно имаше најмногу поени во сите посебни категории – „Стратегија за развој на финансиската функција”, „Планирање и прогнозирање”, „Контрола и одговорност” и „Ликвидност и ризик”.
Маркоски е главен финансиски директор на мобилниот оператор А1 во Бугарија. „Му благодарам на менаџментот и тимот на A1 за поддршката и за одличните достигнувања, кои ги направивме заедно. Оваа награда ме мотивира за уште поголеми напори и подобри резултати во нашата работа годинава“, изјави Младен за бугарските медиуми.
Четириесетгодишниот Маркоски има долгогодишна успешна кариера во областа на финансиите, а во телекомуникацискиот бизнис е од 2002 година. Дипломирал на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и магистрирал бизнис администрација на Cotrugli Business School.
gostivarpress.mk