Цените на акциите нагло паднаа вчера на Волстрит бидејќи инвеститорите стравуваат од ширење на делта сојот на коронавирусот, што може да доведе до нови ограничувачки мерки и забавување на закрепнувањето на економијата.
Dow Jones потона за 725 поени или 2,09 проценти на 33,962 поени, додека S&P 500 падна за 1,59 проценти, на 4.258 поени, а индексот Nasdaq падна 1,06 проценти, на 14.274 поени. За Dow Jones, тоа е најголем дневен пад во скоро девет месеци и за индексот S&P 500 и Nasdaq од средината на мај.
Ова е последица на веста за растот на бројот на новоинфицирани со делта сојот и можноста да доведе до нови рестриктивни мерки и да го забави закрепнувањето на економијата од корона-кризата.
Како резултат, цените на акциите паднаа во сите 11 главни сектори на индексот S&P 500 вчера, а акциите во секторите за туризам, авијација и угостителство беа под најголем притисок.
Досега, инвеститорите ја игнорираа веста за ширењето на делта варијантата во Азија и Европа, но во петокот беше соопштено дека бројот на нови случаи на коронавирус во САД се зголеми за 70 проценти во однос на претходната недела, а бројот на смртни случаи за 26 проценти.
„Падот на берзата се должи најмногу на делта варијантата, инвеститорите се загрижени за можноста економијата да не се отвори толку брзо како што се надеваа и дека заздравувањето нема да биде толку брзо како што се очекуваше“, вели Пол Нолте, менаџер на портфолио на Kingsview Asset Management.
Аналитичарите во анкетата на Reuters сега проценуваат дека заработката на компаниите од индексот S&P 500 во вториот квартал се зголеми за 72 проценти во споредба со истиот период минатата година, додека минатата недела тие очекуваа раст од 66 проценти.
И на европските берзи цените на акциите вчера нагло паднаа. Лондонскиот индекс FTSE падна за 2,34 проценти, на 6.844 поени, додека Франкфуртски DAX потона за 2,62 проценти, на 15.133 поени, а Парискиот CAC 2,54 проценти, на 6.295 поени.