Кина ги победува Соединетите држави кога станува збор за иновации во дигиталните пари, поставувајќи предизвици за статусот на американскиот долар како де факто монетарна резерва.
Скоро 80 земји, вклучувајќи ги Кина и САД, се во процес на развој на дигитална валута на централната банка. Тоа е форма на пари што е регулирана, но постои целосно на интернет. Кина веќе го лансираше својот дигитален јуан за повеќе од еден милион кинески граѓани, додека САД се уште се главно насочени кон истражување на можностите за сопствена е-валута.
Двете групи одговорни за ова истражување во Соединетите држави, Иницијативата за дигитални валути на Универзитетот МИТ и Банката на федерални резерви од Бостон, анализираат како би изгледала дигиталната валута за Американците. Приватноста е голема загриженост, затоа истражувачите и аналитичарите со големо внимание го следат кинеското воведување на дигиталниот јуан.
„Мислам, доколку постои дигитален долар, приватноста ќе биде многу важен дел од него. Соединетите држави се многу различни од Кина“, рече Неа Нарула, директор на Иницијативата за дигитални валути во лабораторијата МИТ Медиа Лаб.
Другата грижа е поврзана со пристапот. Според Центарот за истражување Пју, седум проценти од Американците велат дека не користат интернет. За Афроамериканците тој процент се искачува на девет проценти, а за Американците над 65 години на дури 25 проценти. Американците со попреченост имаат околу три пати поголема веројатност од оние без попреченост да кажат дека никогаш не користат интернет. Тоа е само дел од она што го истражува МИТ, пренесува Seebiz.
„Повеќето истражувања претпоставуваат дека дигиталната валута ќе коегзистира со физичката готовина и дека корисниците сепак ќе можат да користат физичка готовина доколку сакаат“, рече Нарула.
Идејата за американската национална дигитална валута е делумно насочена кон обезбедување дека доларот останува монетарниот лидер во светската економија.
„Соединетите држави не треба да се потпираат на своето сегашно раководство во оваа област. Треба да туркаме и да развиеме јасна стратегија за тоа како да останеме многу силни и да ја користиме моќта на доларот“, рече Дарел Дафи, професор по финансии на Бизнис школата на Универзитетот Стенфорд.
Од друга страна, постојат аналитичари во Соединетите Држави кои го доживуваат дигиталниот јуан како подмолен кинески потег. „Дигиталниот јуан е најголемата закана со која се соочува Западот во последните 30 или 40 години. Тоа и овозможува на Кина да ги вовлече своите канџи во сè на Запад, како и да го извезува својот дигитален авторитаризам“, рече Кајл Бас од „Хајман Капитал Менаџмент“.