Студенти од регионот по Еразмус+ програмата за дигитален маркeтинг во посета на Vrabotuvanje.com
По препорака од Дигитален свет, а на наше огромно задоволство, нашата компанија Вработување.ком беше дел од програмската шема на студентите по Еразмус+ програмата за дигитален маркетинг на проектот SCROLL.
Посетата која се реализираше во простoриите на Вработување.ком беше од страна на студенти од Македонија, Грција, Црна Гора и Албанија.
На наше огромно задоволство, посетата се поклопи токму со јубилејот 18 години постоење на Вработување.ком, веб страница која е една од првите веб страници во Македонија, а прва страница за пребарување на работни места онлајн.
Маркетинг тимот заедно со сопственикот на Вработување.ком - Дарко Велков, на студентите им го презентираше развојниот пат на Вработување од почетоците, кога се се случуваше офлајн, па се до денес кога речиси да нема компанија и институција која не е дигитализирана и онлајн активна.
Како се работеше со конвенционалниот маркетинг и како Вработување.ком ја информираше јавноста и компаниите во однос на тоа дека барањето работа може да се одвива и онлајн, а не само преку весници и телевизија и радио. Со кои предизвици се соочувавме како компанија кога немаше паметни телефони, кога интернет врската беше скапа играчка, а имањето компјутер дома привилегија само на некои луѓе. Како беше да сме компанија во развој на една сосема нова платформа во тоа време, и како растеше и се развиваше целиот онлајн систем се до појавата на Facebook, Youtube, Instagram, Linkedin, односно до појавата на новата маркетинг област: Дигитален маркетинг.
Како прва веб страница за огласи за работа и пребарување на работни места преку интернет, на студентите им го презентиравме и начиот и каналите преку кој го правиме презентирањето на огласите и останатите содржини кои сметаме дека се важни за публиката (компаниите и работобарателите).
Интеракцијата која се разви со студентите и нивните квалитетни прашања, беше дополнитело задоволство за нас како компанија, бидејки угостивме млади луѓе полни со ентузијазам, желба за напредок и споделување нови идеи.
Ги интересираше и како е да си бизнисмен и како најлесно да се преживеат падовите и неуспесите, на што споственикот Дарко Велков имаше еден одговор: Секогаш кога ќе паднеш, важно е да станеш, колку и да боли и колку и да било лошо паѓањето. Затоа важно е да бидеш горе оти ако останеш долу сите ќе те претркаат. А неуспехот мора се сфати како нераскинлив дел од успехот!
Ги испративме со убава енергија и сме благодарни на целата позитивна мисла која ни ја донесоа со своето присуство. Како иновативна компанија секогаш се радуваме на новите генерации кои доаѓаат полни со идеи, подготвеност да преземат ризик, лесно адаптибилни на новото време и совршено соживеани со денешниот технолошки напредок и развој!
На секој еден му посакуваме успех во креирањето на сопствената визија и мисија за кариера и посакуваме искуството од вработување да им донесе позитивна мисла и нови идеи!
Благодариме драги луѓе!