Се намалува бројот на невработени лица во земјава. Значи ли тоа дека попуштаат економските последици од кризата и дека се стабилизира пазарот на труд во земјава, e прашање за кое појасна слика ќе има во следниов период.
Ако се направи споредба со пикот на високиот број на невработени лица, а тој бил во февруари годинава, и изнесувал 159.608 невработени, се гледа дека четири месеци подоцна, односно на крајот на јуни, бројот на невработени е намален за близу 19 илјади, односно прецизно 18.934 невработени.
Во март минатата година, кога на 11 ти во месецот почнаа рестриктивните мерки, имало 107.732 невработени во земјава. И, веќе во наредниот месец, април, бројката на невработени нагло скокнала, достигнувајќи 114.762 лица, или повеќе за над 7.000 лица.
Потоа во мај невработените продолжуваат драматично да растат, достигнувајќи 121.187 лица, а во јуни доживеавме нов драматичен скок, на 133.455 невработени граѓани, тренд кој не сопре ни во јули, месец во кој бројот на невработените се искачи на 141.777 невработени.
И во следните месеци растеше бројот на невработени, но тука некаде веќе се намали темпото на раст, односно тоа забави, што се совпадна со владините мерки од неколкуте економски пакети, а со кои се даваше финансиска поддршка на работодавачите за секое варботно место, но тие беа условувани одреден период да не ги отпуштаат вработените.
Потоа во август бројката била повторно поголема, но растот е поумерен, така што месецот завршува со 144.759 невработени. Во септември следува повторно посеризно зголемување, искачувајќи го бројот на невработени на 151.359 лица, а во октомври имаме ново зголемување, на 153.799 невработени лица. На 155.218 невработени бројката се искачува во ноември, за декември и целата година да завршат со 156.432 невработени лица.
Како се движеше состојбата со невработеноста во оваа година?
Во јануари растот продолжил, и бројот на невработени лица изнесуваше 158.601 невработен, а во февруари се достигнува пикот од 159.608 невработени. Веќе во март имаме позитивна пресвртница, односно бројот на невработени доаѓа до 145.327 невработени, што значи дека за само еден месец имаме намалување на бројот на невработените за 14.281 граѓани.
Дали овој тренд ќе продолжи и бројката ќе се намали или пак може да се очекува и раст доколку корона бројките продолжат да бидат лоши и да доведат до построги рестриктивни мерки, особено такви кои би биле неповолни за бизнисот, останува да видиме во наредниот период.
извор: faktor.mk