Приказната за слаткарницата Зафир датира уште од почетоците на ’90-тите години, кога Марија и Драгољуб го почнуваат своето заедничко бизнис патешествие.
Марија, инаку тогаш вработена во Текстил Промет и Драгољуб во Киро Фетак, заедно со поддршката на нивните пријатели и потесното семејство и потпирајќи се на сопствената амбиција и претприемачки дух, одлучуваат да се посветат на реализација на љубовта и пасијата на Марија – тортите. За приказната како “Зафир” прерасна во национално препознатлив бренд, разговаравме со управителот на “Зафир” - Горан Зафировски.
Приказната за почетоците на “Зафир” е навистина импресивна, бидејќи буквално сте започнале од нула и со сопствените раце сте го изградиле она што го имате денес. Можете ли накратко да ни раскажете како сè започна? Можеби некому ќе звучи неверојатно, но основите на Зафир буквално ги поставивме во нашата кујна – омиленото место на мајка ми. Прво почнавме со подготовка на торти за пријателите за нивните специјални поводи, па пријателите им пренеле на пријателите, а како што вели старатa: “добриот глас надалеку се слуша” задоволни од сработеното, почнаа постојано да ни стигнуваат нарачки. Потоа, почнавме да ги продаваме тортите во колонијалот кој инаку го поседуваа моите родители. Барањата за торти и колачи постојано растеа, па неопходно беше сериозно да почнеме да размислуваме за проширување на производствените капацитети. Во 1994 година моите родители и формално ја основаа компанијата. Можеби ќе звучи неверно, но нашето производство буквално започна во подрумот на зградата каде што живеат моите родители и ден денеска. Се разбира, подрумот ги исполнуваше сите санитетски услови, нешто на што бескомпромисно обрнуваме внимание уште од почетокот, па сè до денес.
Иако бев млад, сè уште го паметам времето како почнавме. Повозрасните сигурно ќе се сетат дека почнување на сопствен бизнис беше предизвик, главно поради ограничениот пристап до финансии, особено за бизнисите кои штотуку почнуваат. Во тоа време, банкарските кредити не беа воопшто евтини и достапни како што е денеска, па баравме начин како да си дадеме финансиска инјекција за да продолжиме со нашите намери и зацртаните планови за проширување на капацитетите, нешто кон што ние бевме сериозно насочени. Сакам да нагласам деко во тоа време беа ретки жени претприемачи, а мајка ми беше една од нив. Така, во 1996 година, стапивме во контакт со финансиското здружение “Можности”, кое инаку токму во тој период беше претставено од страна УСАИД како финансиска институција чија цел беше обезбедување на финансиски средства за поддршка на бизниси со добри деловни идеи.
Особено бевме среќни бидејќи “Можности” ја препозна нашата добра идеја и потенцијал, и на моите родители им одобрија кредит од 14.000 Германски марки. Добиените средства ги насочивме за понатамошна експанзија на бизнисот и проширување на капацитетите и купување на неопходната опрема за непречено одвивање на производството, кога се префрливме во друг, посоодветен локал. “Зафир” е пример за успешен семеен бизнис. Кои членови на семејството активно работат во “Зафир” и кој повеќе ги следи стапките на Марија? Јас, сестра ми Маја и татко ми ѝ помагавме на мајка ми уште на самите почетоци, но со сестра ми поактивно се вклучивме во 1998 г. Јас бев задолжен за дистрибуцијата во Скопје, каде како студент ги примав и ги разнесував нарачките на пакувани колачи во скопските колонијали. 1 недела собирав нарачки, а следната ги дистрибуирав.
Во бизнисот се сите – мајка ми, татко ми, сестра ми, мојата сопруга Емилија, која е дел од компанијата од почетокот и пред да стапиме во брак, мојот зет Дејан кој е дел од “Зафир” веќе 14 г. Сите сме посветени и го продолжуваме патот кој го започнаа нашите родители, среќен сум што го имам наследено чувството за бизнис од татко ми и креативната дарба од мајка ми. (ама мислам дека јас го наследив кулинарскиот дар и чувството за креативност на мајка ми) ☺. Ќе ви кажам и една анегдота кога за првпат добив признание од мајка ми, што ме направи екстремно горд. Не паметам колку години имав, ама бев релативно млад. Имавме нарачка на торта – ликот Сара Кеј, а мајка ми беше болна па не можеше да ја направи. Ми ја предаде одговорноста мене. Крајниот резултат нескромно можам да кажам дека беше одличен, и тоа не само за почетник. А потврда на тоа беше и признанието на мајка ми дека сум ја направил многу подобро од она што таа би го направила. Кога и како почна експанзијата на “Зафир”? Во 98 година, започнавме посериозно да работиме, во смисла на креирање на планови и стратегии за долгорочен развој на бизнисот. Дотогаш, тимот на “Зафир” го сочинуваа 15 вработени, и со тенденција на постојан пораст.
Идејата ни беше да направиме мало локално место кое ќе претставува храм на слатките уживања, место каде ќе можете да испиете кафе со пријателите, и да вкусите добро парче торта или колач. Бидејќи сè сами правевме, беше навистина голем предизвик да се најдат неопходните состојки, алатки и материјали. На пример, модлите за колачите, ножевите, пакувањата, специфични вкусови или додатоци... Во 98 ако се сеќавате немаше толку многу избор и простор за креативност во Македонија во поглед на креирање на уметност во подготовката на колачите, па моравме да се снаоѓаме. Во принцип, идејата беше да се направи идеалниот спој на презентација и вкус, нешто што во тоа време го немаше, кое отстапува од стандардното.
Тоа беше нишката на која ние го започнавме и одржуваме “нашето место под сонцето” на македонскиот пазар. “Зафир” во своите почетоци беше препознатлив по совршено уредно спакуваните колачи на полиците на маркетите. Се разбира, растот и развојот на “Зафир” се должи и на постојани обуки и тренинзи, подобрување на состојките и воведување на нови, зголемување на производното портфолио и се разбираа, достапноста. Во рамките на програмата за развој на претприемачки вештини, повторно благодарение на Можности и УСАИД, отидов во САД на доусовршување и стекнување на практични искуства во светски познатите слаткарници и фабрики за колачи, а таму ги научив тајните за подготовка на познатиот New York чизкејк.
Во Атина пак, имав прилика да научам многу за подготовката на грчките колачи. И да, бев во Белгија ☺ да научам нешто повеќе за тајните на квалитетното белгиско чоколадо. Од Италија пак, го донесов знаењето за подготовка на италијанскиот џелато. Благодарение на овие меѓународни искуства, на стариот рецептурник на баба ми и мајка ми, на традиционалните рецепти можеме да им дадеме нов шмек нешто што ќе не направи препознатливи. Каде се наоѓа Зафир и семејството Зафировски денес, по 25 години посветена работа? Горди сме што денес во нашите производи можат да уживаат сите граѓани. Нашите производи се достапни во 35 маркети и во сопствени локали во Куманово и во Скопје. Но, нашите планови не застануваат овде, се разбира. Нашата намера е да започнеме да извезуваме и надвор од Македонија, но за тоа кога ќе созреат условите.
Денеска во “Зафир” работат 70 вработени, а голем дел од нив се со нас уште од самите почетоци. Сосетката Валентина е со нас уште од самите почетоци, а денес таа е нашиот раководител на погонот.
А за Зафировски - секој од нас си има свои задолженија, на пример: татко ми денес е константата која нè држи на земја, за да не се заборавиме, па често знае да дојде во слаткарницата и така убаво да нè искара ☺, мајка ми е задолжена за делот за R&D (истражување и развој) па во сопствена лабораторија постојано работи во осмислување на нови, иновативни вкусови и производи, сестра ми е задолжена за книговодството, сопругата е главен декоратер, зетот се грижи се да е во ред во слаткарниците, а јас се трудам тоа да го синхронизирам и техничкитехнолошки го унапредам.
Сакаш да станеш дел од тимот на Зафир - АПЛИЦИРАЈ НА ЛИНКОТ