Експертите велат дека желбата да се наполнат затворените средини со предмети од надворешниот свет се врзува со растечкото движење на „биофилски дизајн“, што претставува концепт кој се користи да се зголеми добросостојбата преку директна и индиректна изложеност на природа. Овој вид дизајн беше голем канцелариски тренд во годините пред 2020 година, кога Амазон изгради сферични конзерватории со функција на ботаничка градина во главните канцеларии во Сиетл.
Поради Ковид-19, поголемиот дел од канцелариите се затворени, но тоа не ги спречува луѓето кои работат на далечина да го применат концептот дома. Благодарение на пандемијата, милиони луѓе сега имаат шанса да создадат работна средина додека фокусот им е ставен на сопствената добросостојба. Се` повеќе докази покажуваат дека инкорпорирањето на природата може да помогне во намалување на стресот и зголемување на продуктивноста, креативноста и распонот на внимание. За да се постигнат најдобрите резултати, модерните домашни растенија се само првиот чекор кон посеопфатен мултисензорен пристап.
Играјте си со светлина и боја
Германскиот психоаналитичар Ерих Фром го исковал терминот „биофилија“ во шеесеттите години од минатиот век за да ја опише нашата инстинктивна склоност да бараме врски со природата. Терминот „биофилски дизајн“ стана популарен во првата деценија од овој век како начин на одржување односи меѓу човекот и природата во склоп на производствените средини.
„Се работи за вградување на природата во сите нејзини форми, вклучувајќи и шеми, материјали, форми, простори, мириси, глетки и звуци, во урбаниот дизајн во различен степен,“ „Голем дел од трендот е здрав разум бидејќи ние сме внатрешно и еволутивно програмирани да реагираме на природата. Понекогаш ни треба само потсетник“.
Природната светлина ги поддржува деноноќните ритми на телото што пак го регулираат циклусот на будност и сон, како и хормоните. Оние кои работат во средина каде нема прозорци или просториите се прилично темни, вообичаено ја имитираат природната светлина со вградување на систем за различни степени на светлина во текот на работниот ден.
Истражувањата покажуваат дека одредени бои всушност можат да променат работни расположенија. На пример зелената боја може да ја подобри креативноста, додека пак топлата жолта или црвена боја може да поттикне поголем распон на внимание. Слично на ова, постојат и студии кои посочуваат дека уметнички дела со природни фрактални шеми можат да бидат одлична алатка за намалување на стресот.
Мултисензорно искуство
Се покажало дека кратки интеракции со не-ритмични сензорни стимули, што се создаваат од предметите во постојано но непредвидливо движење, го подобруваат крвниот притисок и пулсот на срцето, и имаат позитивни ефекти врз симпатскиот нервен систем. Бокарт вели дека можете да го инкорпорирате ова во домашната канцеларија со додавање на саксија со трева надвор пред прозорецот или со мал аквариум на работната маса.
„Исто така би сакала да го истакнам и чувството на арома,“ вели таа, „што можете да го добиете со отворање на прозорец, палење свеќа или употреба на есенцијални масла“.
Една од занемарените компоненти на биофилскиот дизајн, додава таа, се реликвиите од природата. „Тоа се едноставни нешта како морски школки, геометриски форми или камчиња што обезбедуваат тактилно искуство, и кои истовремено не` потсетуваат да бидеме љубопитни како дете“.
Контролиран, мирен простор
Истражувачите се` уште го проучуваат кумулативниот ефект на сите овие елементи, но во принцип, кога ќе почнете да се чувствувате затрупани, тогаш најверојатно сте претерале. Целта е да се поттикнат физички, емоционални и когнитивни одговори преку одржуван ангажман со природата, и да се гаи позитивен однос со работното место. Дневни прошетки во природа можат да ја репродуцираат мултисензорната корист, но тие не се доволно добра замена за стерилна канцеларија.
За новите вработени кои се приморани да работат од дома, ова мултисензорно биофилско искуство не е само тренд што Инстаграм прави да расте, туку може да биде и клучот за уште еден успешен ден.