Данска наскоро ги укинува сите анти ковид мерки.
Епидемијата сè уште не завршила, но данската влада нема да се колеба ако треба брзо да дејствува при ширење на вирусот.
„Епидемијата е под контрола и можеме да се пофалиме со рекордна стапка на вакцинирање. Затоа на 10 септември ќе може да ги отфрлиме рестриктивните мерки кои моравме да ги воведеме во борбата против ковид-19“, изјави министерот за здравство Магнус Хенике.
Во март 2020 Данска беше една од првите земји кои воведоа режим на делумно затворање. Ги затвори училиштата и компаниите чија работа не беше од клучна важност. Неколку недели подоцна, по првото ублажување на воведените мерки данските власти од август 2020 решија повторно постепено да ги заоструваат. Делумен карантин имаше за Божиќ. Во април беа воведени дигиталните пропусници, чија употреба сега е ограничена.
На 14 август беше укинато задолжителното носење маска во јавниот превоз. Дотогаш јавниот превоз беше единственото место каде што мораа да се носат маски. Планирано е пропусницата од 1 септември да не се бара ни во рестораните, спортските центри ни при одењето на фризер. Од 5,8 милиони жители на оваа земја вакцинирани се повеќе од 70 отсто. Досега имаат 342,474 потврдени случаи и над 2.500 починати.
ПРОЧИТАЈТЕ ПОВЕЌЕ: Луѓето од Балканот брзаат кон „земјата без стрес“: Ова се платите и најбараните професии