Над 2000 самовработени престанале да си ги плаќаат придонесите во периодот од април до јуни. Според податоците на Државниот завод за статистика, објавени денеска најголем дел од овие лица се земјоделци.
Според истите податоци, состојбата со работниците не станува подобра ниту во индустријата, во вториот квартал бројот на работници во преработувачкиот сектор бил помал за 4000 споредено со првите три месеци од оваа година. Критичен останува и транспортот каде во вториот квартал бројот на вработени се намалил за околу 4000 лица. Во овој сектор и бројот на фирми се намалил за над 1000. Намалување на бројот на фирми има и во градежништвото за околу 800 споредено со првите три месеци од годинава.
Но, и покрај падот во овие сектори кои се меѓу најобените, вкупните податоци за второто тримесечие од годината покажуваат дека бројот на невработени се намалил. Односно стапката на невработеност во вториот квартал изнесува 15.9% споредено со 16% во првиот.
Кои се секторите кои ќе предизвикаат да се намали невработеноста во услови кога добар дел од фирмите отпуштаат? 6000 нови вработени има во секторот комуникации и информации. 2000 нови вработени има во финансиската дејност. Исто толку се зголемил и бројот на вработени во амдинистративните дености. Раст има и во други дејности под капа на државата – пример образование и здравство.
Извор: sitel.com.mk