Отворена е можност од следната година К-15 да добиваат сите вработени во јавниот сектор. Од Сојузот на синдикатите на Македонија информираат дека до Владата доставиле предлог Општ колективен договор за јавниот сектор во кој, покрај другото, е предложен и регрес за годишен одмор во висина од 30 до 100 отсто од основицата за сите вработени во јавниот сектор. Тоа значи дека право на К-15 би добиле и вработените во полицијата, одбраната, образованието, здравството…
Доколку Владата го потпише понудениот колективен договор, исплатата на К-15 за овие вработени најверојатно би почнала од наредната година, зашто во годинешниот буџет не се одвоени средства за тоа.
Од лани право да добиваат К-15 имаат само дел од јавните службеници, односно околу 27 илјади кои работат во министерствата, општините, судовите, обвинителствата, државното правобранителство, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, центрите за социјална работа, јавните установи. Поради кризата тие лани не добија регрес, а годинава по 9.000 денари им се исплатија на дел од нив. За ова во буџетот се предвидени околу четири милиони евра.
Вработените во приватниот сектор, пак, К-15 добиваат веќе осма година. Парите треба да им се исплатат најдоцна до крајот на годината, а на нивните сметки газдите треба да ја уплатат најмалку минималната сума утврдена со колективен договор, која сега изнесува околу 11.500 денари. Но, на работодавците им се остави простор годинава овој минимум да го удвојат, зашто со петтиот пакет антикризни мерки прагот на ослободување од данок на добивка за К-15 од 40, се зголеми на 80 проценти и со тоа К-15 може да се искачи до 22.600 денари.
Работодавците кои не исплаќаат К-15 или бараат од работниците да им ги вратат парите ги потсетуваат дека Кривичниот закон предвидува затворската казна до една година.
Во ССМ добиле пријави од работници за повеќе од 100 работодавачи кои не исплатиле во целост или исплатиле помалку К-15 за 2020 година. Овие пријави во име на работниците се потпишани и поднесени од претседателот на ССМ за да се заштитат работниците од притисоци и закани од работодавачите. Исто така, поднесени се и неколку кривични пријави.
Извор: vecer.press