Некогаш убаво уредената сала во која вежбаа генерации скопски спортисти денес се распаѓа Kупишта ѓубре, искршени стакла, шут, искорнат паркет, скршени плочки, мувлосани ѕидови, фекалии на секој чекор
Kупишта ѓубре, искршени стакла, шут, искорнат паркет, скршени плочки, мувлосани ѕидови, фекалии на секој чекор е мачната глетка при влезот во некогаш познатата спортска сала „Партизан 4“ во скопски Карпош. Некогаш убаво уредената сала во која вежбаа генерации скопски спортисти и сите граѓани сега не остана буквално ништо и претставува срам за сите. Објектот стои незаклучен, сите стакла на двете главни влезните врати се искршени, како и на споредните влезови. Со тоа во објектот кој се наоѓа во непосредна близина на познатиот „Сити мол“ и на бројните станбени згради може секој да влегува и сега е претворен во собиралиште на наркомани, бездомници и сомнителни типови.
- Ова е срамота, за ова со години никој не се грижи. Секој пат тука гледам како се маткаат некои сомнителни лица. Страв да ти е да пуштиш дете да чека автобус тука бидејќи станицата е веднаш до неговиот влез, ни рече возач на градски автобус кој тука прави пауза пред почетокот на нова тура.
Во главата сала каде вежбаа генерации млади се е уништено: кошеви, справи, паркет, покривот... Мовот ги прекрил речиси сите ѕидови. Така е и во помалата сала која беше наменета за гимнастика, балет и на чии ѕидови се искршени сите огледала. Ужасна глетка дава и ходникот по кој се влегуваше во соблекувалните, во бањите, тоалетите...
Проблемот со салата е и во тоа што не се знае во чија точно сопственост е. Како нејзин сопственик во минатато прво се јавило друштвото за телесно воспитување „Партизан – Наум Наумовски Борче“ кое во 1998 година добило и имотен лист од Катастарот за овој објект кој му бил даден на трајно користење во 1971 година во времето на СФРЈ. По 2000-та година тогашната Влада правото на управување го пренела на ЈП за стопанисување со спортски објекти, а потоа се менувале бројни корисници и закупци. Во 2014 година СРЦ „Борис Трајковски“ распишал оглас за изработка на акциски план за реконструкција на салата како дел од владината програма за реновирање на спортски објекти. Меѓутоа, оттогаш ништо не е сменето.
Карпошани лани покренаа и иницијатива „Да го вратиме Партизан на граѓаните“ но и таа остана без одзив.
Пропаѓа уште еден спомен на светската солидарност
Доколку се дозволи објектот да биде уништен тоа истовремено ќе значи и бришење на еден од симболите на меѓународната солидарност во време на постземјотресната обнова на Скопје. Ова сала, изградена уште во 1969 година, е подарок на тогашната француска влада која сакала да им помогне на скопјаните во обновата на градот. По Универзалната сала која исто така стана жртва на негрижата, списокот на објекти кои ни се спомен на светската солидарност а за кои дозволуваме да пропаѓаат постојано се шири
Извор Скопско Ехо