Создадена во 2009 година од група ентузијасти кои ја воочиле потребата од обединување на HR заедницата во Македонија, денес Македонската асоцијација за човечки ресурси претставува професионална организација која секојдневно работи на унапредување и промоција на професијата менаџмент со човечките ресурси.А во пресрет на најголемиот настан организиран од Асоцијацијата –Меѓународната конференција која ќе се случи на 21 и 22 Октомври-Вработување.ком ви го претставува ексклузивното интервју со Претседателот на Асоцијацијата ДАРКО ПЕТРОВСКИ
Со оглед на тоа што оваа година во Април, Асоцијацијата наполни 12 години и како што вели Претседателот Дарко Петровски: -Доколку гледаме од аспект на човечки години, Асоцијацијата полека го напушта детството и навлегува во пубертетските години- разговорот го започнуавме со убавите работи со кои се гордее Асоцијацијата и нејзините членки.
-Во изминатиот период, асоцијацијата израсна во национално признаена организација, која ги обединува и застапува интересите на HR заедницата. Таа е препознаена и како фактор од страна на националните институции, а воедно, активно дејствува и на меѓународната сцена. Освен соработката со други сродни асоцијации од регионот и Европа, МАЧР е полноправна членка на семејството на сродни национални организации обединети во Европската асоцијација за менаџирање со луѓе (EAPM) речиси 10 години, што ни овозможува постојана соработка и размена на знаење и искуства со колегите од Европа и пошироко- Вели Петровски и додава
Mе радува фактот што, во време на секакви општествено-политички турбуленции во последната декада, МАЧР успеа да ја зачува својата независност, транспарентност, демократичност и професионалност во внатрешното фунционирање и во односите со субјектите кои не опркужуваат. Mногу сум задоволен од овогодишното изготвување и усвојувањето на долгорочната Стратегија за развој и унапредување (2021-2024), која претставува водилка во натамошниот развој на асоцијацијата. Дополнително, во услови на светска криза предизвикана од Ковид-19, успеавме да направиме брза и успешна дигитална трансформација на нашето работење.
-Покрај тоа, МАЧР предводи и многу други глобални процеси поврзани со HR-професијата во нашата земја. По наша иницијатива, а заради следење на светските текови во развојот и воспоставување на стандарди во професијата, се формираше Техничкиот комитет 42 под закрила на националниот Институт за стандардизација, преку кој учествуваме во градењето и носењето на стандардите од оваа област во Меѓународната организација за стандардизација (ISO), како основа за развој и квалитет на нашата професија
А ако заклучиме дека составен дел на секое “растење“ се и падовите и предизвоците, тогаш несомнено е дека Асоцијацијата имала и вакви прериоди па затоа побаравме да слушнеме и нешто на таа тема.
- Една од работите што создава пречки во нашиот забрзан развој е ограниченоста на финансиски средства за зголемен обем на оперативни активности. Најголемиот дел од средствата за секојдневното фунционирање доаѓаат од членарините од индивидуалните членови и влезниците и спонзорствата за организација на настаните на МАЧР. Нашите очекувања се дека со воведувањето на корпоративното членство пред две години, финансиската состојба и одржливост на асоцијацијата ќе се подобрат дополнително.
Но, независноста во поглед на финансирањето е од друга страна и добра, затоа што не прави независни од донатори. Ние главно не сме „грант-ориентирана“ асоцијација, иако досега сме наишле на поддршка на одредени наши проекти преку различни програми. Заради обезбедување на долготрајната одржливост на асоцијацијата, во моментов активно работиме на обезбедување на стратешки донаторски грант, со цел проширување и надградување на активностите на МАЧР.
Тука морам да напоменам дека во следниот период планираме и многу поактивно да се вклучиме во процесот на креирање на донесување на политики и други акти, од HR сферата. Исто така, во следниот период, а во согласност со нашите стратегиски определби, ќе го отпочнеме процесот за креирање и воспоставување на стандарди од аспект на компетенциите на професионалците и од аспект на стандарди на работењето во менаџирањето со луѓето.
Сведоци сме на две исклучително тешки и полни со предизвици години посебно за секторите на човечки ресурси. Можете ли накратко да ни кажете што се се промени со отпочнувањето на ковид кризата (неколку сегменти во позитивна а неколку во негативна конотација)?
-Во нашето опкружување се случија многу промени, а адаптацијата беше со променлив успех и делумна примена на новите решенија. Организациите се обидоа да се прилагодат на новонастанатите услови. Состојбите поврзани со кризата беа катализатор за напредно искористување на постоечките технологии и рационализирање на голем број на работни процеси во организациите. Предничеа оние, кои покажаа поголема подготвеност за менување и агилност, прилагодливост и отпорност во новонастанатите услови. Во изминатите речиси две години, HR-одделите беа во првите редови на справување со последиците од Ковид-кризата во организациите и, како никогаш досега, не била толку многу истакната важната улога на HR-професионалците и HR-специјалистите, во изнаоѓањето на брзи и ефикасни решенија за продолжување на работните процеси.
Ќе се осврнам на два аспекти: на промените во фунционирањето на МАЧР и на последиците од промените во фунционирањето на нашето опкружување.
Во рамките на првиот аспект, како што веќе наведов, исклучително сме задоволни од брзата и успешна дигитална трансформација на работата на МАЧР, која успеавме да ја имплементираме од започнувањето на КОВИД-19 кризата и да бидеме добар пример за многу невладини организации кај нас и пошироко. Научивме дека кризата носи свои недостатоци и последици, но и многу можности, така што, освен што успешно ги дигитализиравме скоро сите наши настани, ние воведовме и дополнителни активности, кои при функционирање „во живо“, не би биле возможни. За тоа нашиот пример го презентиравме и пред другите сродни европски асоцијации. Сепак, веќе се чувствува одредена заситеност и замор во организирањето и учеството на онлајн настани и активности.
Тоа што сакам да го истакнам е дека човечката компонента е многу важна за секојдневното живеење. Луѓето најтешко живеат и творат во услови на постојан страв и секојдневни ограничувања, по што беше препознатлив изминатиот период во целиот свет. Човекот, кој е во основа битие со најмалку пет сетила, заради органичувањата наметнати од Ковид-мерките, се сведе на само три: говор, слух и вид. Сметам дека отсуството во користењето на другите сетила во односите, неминовно на подолг рок ќе доведе до одредени психолошки последици кај луѓето, со кои ќе биде потребно да се справува човештвото. Во однос на вториот апект, сметам дека во овој момент е сèуште рано да говориме за последиците од сето ова што ни се случува. Мислам дека веќе се појавуваат нови обрасци, кои дополнително ќе влијаат на секојдневното живеење и работењето на луѓето. Јас на тој процес гледам со оптимизам.
Покрај помалите настани, средби, семинари/вебинари и слично и главниот настан на Асоцијацијата – годишната конференција, доделувањето на HR-наградите има големо значење за МАЧР... Колку сметате дека наградите се поттик за постигнување на подобри резултати и како гледаат на наградата потенцијалните добитници - ја сметаат ли за престиж?
-Доделувањето на HR-наградите е најголемиот настан на МАЧР ориентиран кој нашето членство и домашната јавност. Нашата основна намера преку него е, од една страна, да ја популаризираме професијата, а од друга страна да ги промовираме поединците кои треба да бидат нејзини амбасадори, а не е да создаваме ривалства и потенцијални нетрпеливости, кои формите на натпреварување често знаат да ги носат со себе.
Во изминатите години вложивме големи напори процесот на избор да го обезбедиме од аспект на неговата објективност и транспарентност и постојано го подобруваме. Пред две години воведовме и нови две дисциплини. Ефектот од нашите заложби е дека бројот на доставени номинации во сите три категории на награди: HR менаџер, Млад HR ентузијаст и HR практика, од година во година расте, што укажува на фактот дека овие награди веќе уживаат респект во рамките на HR заедницата. Преку биографиите на номинираните кандидати и описот на практиките, дознаваме дека во државата има значителен развој во HR-сферата и дека дел од организациите сериозно вложуваат ресурси во развојот на HR-одделите и нивните активности.
Одлуката за доделување на наградата за HR менаџер и Млад HR ентузијаст на годината ја донесува пет члена комисија, составена од HR професионалци, претставници на академската заедница, како и добитниците на наградите од претходната година во соодветните категории. Одлуката за доделување на наградата за HR практика на годината ја донесуваат присутните на настанот за доделување на наградите, од практиките-финалисти (сите номинирани HR практики прво се разгледуваат од страна на комисијата и само практиките кои ги задоволуваат критериумите, преминуваат во следната фаза на избор).
Главната цел на овие награди не е само да се препознаат, признаат, промовираат и да се одбележи успехот на најпосветените, туку дополнително да го поттикнеме развојот на оваа навистина важна професија во развојот на економијата и на нашето општество во целост.
Во пресрет сме на нова Конференција на 21 и 22 Октомври и ова ќе биде втора онлајн конференција. Како ја одбравте главната тема на истата и што можеме да очекуваме од неа?
-Овогодишната меѓународна тринаесетта по ред HR конференција е како и досега централниот настан на МАЧР. Главната тема на конференцијата ја утврдува Управниот одбор во еден креативен процес во кој учествуваат сите негови членови. Избравме наслов „HRise Like a Phoenix: Intertwining Humanity and Technology“ кој кореспондира со т.н. „нова реалност“ и кој ќе обезбеди широчина да фрлиме поглед кон иднината на работата и кон тоа што може да ги очекува организациите, бизнис лидерите, извршните и останатите менаџери и, се разбира, HR професионалците.
Во однос на форматот на одржување на настанот, долго време размислувавме и следејќи ги трендовите и предвидувањата за траењето на пролонгирањто на КОВИД кризата, како и ограничувачките мерки за настани кои се одржуваат „во живо“, уште во февруари донесовме одлука конференцијата да ја одржиме во онлајн формат. Гледајќи од денешна перспектива, сметам дека донесовме правилна одлука, која позитивно се одрази за навремена подготовка и реализација на настанот. На овој начин и потврдувајќи ја нашата улога на лидер во нашиот регион, очекуваме присуство на повеќе од 300 учесници од земјата и од соседството, но и од други делови на Европа.
Дво-дневната конференција ќе биде подиум за повеќе од 20 истакнати и реномирани говорници, професори и практичари од повеќе европски земји, да ги споделат своите напредни размислувања, да ги споделат искуствата од земјите и организациите од кои доаѓаат во областа на организацискиот развој, управувањето и менаџментот со човечки ресурси и своето лично, специјализирано знаење, иновативни идеи, практични и докажани решенија, како и препораки што менаџерите и професионалците можат да ги применат во своите организации. Во рамките на конференцијата, планираме да размениме мислења за современите текови од областа на менаџментот со луѓето, потребните компетенции и актуелните трендови во развојот на професијата кои произлегуваат од Ковид-19 кризата со претставници од регионот на Јужна и Југоисточна Европа и споделување на наодите на светски реномирани истражувачки организации.
Би сакал да ја искористам оваа прилика да ја информирам јавноста дека веќе започнавме со продажба на влезниците за конференцијата, по ексклузивна цена за рана пријава (early bird) од 60 Евра за членови на МАЧР и 90 евра за сите останати. За дополнителни информации околу продажбата и целокупната содржина на настанот, ги повикувам заинтересираните да не посетат на страните на МАЧР на социјалните медиуми, како и на официјалната веб страна на конференцијата
Последното прашање е лично до Дарко Петровски Како е да се биде Претседател на HR асоцијацијата и што за вас значи оваа функција?
-Ова е лично прашање, на кое, заради досегашната историја на МАЧР, би можеле да добиете одговор од вкупно тројца луѓе. И верувам дека сите одговори ќе бидат индивидуални. Ќе кажам, дека за мене, да се биде претседател на една растечка професионална организација е голема одговорност и пред се предизвик, тоа што се создавало повеќе од една деценија, во едни исклучително комплицирани околности пред се да се одржи, но и да се надгради и да се унапреди. И покрај тоа што станува збор за волонтерска активност, работам напорно на промоција и на видлив импакт во општеството, на привлекување на нови индивидуални и корпоративни членови, на зголемена видливост на МАЧР во земјата и надвор од неа и пред сè, за да укажам на потребата од работа со луѓето во организациите и на сите други нивоа, како основа за еден севкупен развој.
-Имам секојдневни, повеќечасовни активности за планирање и координација со колешките и колегите од Управниот одбор и од Извршната канцеларија на МАЧР, комуникација и кореспонденција за претставување на асоцијацијата, организација на настани, учество во работата на Европската асоцијација итн. Се грижам и посебно внимание посветувам на чесноста во пристапот, на подготвеноста за соработка со сите заинтересирани страни, воспоставување на добар баланс и мотивираност кај оперативниот тим и членството, кои според мене се клучни за една волонтерска организација, како и на транспарентното работење според принципите на доброто управување. Засега, со вложување на дополнителни сили, успевам да најдам баланс со обврските кои ги имам кон мојата сопствена фирма Талент бизнис инкубаторот Степ-ап. Сите мои искрени заложби, сето време и напори ги сметам како мој придонес во развојот на заедницата во која живеам, работам и творам. Тоа го правам за себе, од почит кон нашите претци и во интерес на нашите поколенија. И тоа го правам со голема желба, леснотија и посветеност.
-За мене, можноста да бидам претседател на МАЧР, иако претходно имав и други важни улоги од самото основање како член на Управниот одбор и Заменик претседател, Претседател на Надзорниот одбор и Генерален секретар, претставува голема чест и признание за досегашните заложби во развојот на асоцијацијата кое го добивате од своите колешки и колеги, со кои заедно растете и се развивате на професионален и на личен план. Задоволство ми е што можам да кажам дека оваа заедница на професионалци, олицетворена во Македонската асоцијација за човечки ресурси негува убави и трајни вредности и вклучува лица со потенцијал и желба за придонес во развојот на македонските организации, компании и институции, на луѓето и на целокупното наше општество.
Разговорот го завршуваме со позитивна мисла и верба во што побрзо враќање во нормала на меѓучовечките односи, кои во суштина се основата за функционирање на Човечките ресури. А како генерален спонзор на Конференцијата, Вработување.ком упатува покана до сите HR ентузијасти и професионалци да бидат дел од најголемиот HR настан во земјава со тоа да дадат поддршка на визијата и мисијата на Асоцијата јакнејќи го на тој начин заедништвото вербата во подобра иднина поголема професионалност, полесна соработка и подобар квалитет на сите полиња на Човечките ресурси.
Асоцијацијата во моментов брои преку 100 активни индивидуални и 11 корпоративни членови, со подмирена членарина за тековната година. Низ членство во асоцијацијата досега поминале повеќе од 500 членови, од кои многумина, во текот на нивниот професионален развој, завземале и други водечки улоги во многу македонски компании, како и во странство. МАЧР е отворена за членување и на сите ентузијасти, студенти и други вљубеници во HR-професијата. Во асоцијацијата можат да членуваат и компании и други работни организации, кои го разбираат значењето на професијата во развојот на луѓето и организациите и јасно го поддржуваат развојот на оваа професија.