Актуелните правила за влез во Грција, кои важат и за државјаните на Северна Македонија, односно задолжителен документ за Ковид-19 и пополнет PLF формулар, но и задолжително тестирање на влезните точки за оние кои патуваат со негативен тест, се продолжени за уште една седмица.
Новата одлука стапи на сила во 6 часот утрово, а важи до следниот петок 1 октомври.
За влез од Северна Македонија во Грција отворени се сите гранични премини, кои работата 24 часа, додека сите посетители „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ исто како и во изминатите четири и пол месеци имаат четири опции, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората опција е негативен тест или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Третата опција се однесува на оние кои прележале Ковид-19 во изминатите шест месеци и може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест, а сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до 180 дена подоцна.
Европскиот дигитален Ковид сертификат е четвртата алтернативна можност за влез во Грција.
Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.
Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.
Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.
Извор: mms.mk