Новиот предлог Закон за административни службеници носи измени за полното работно време на вработените во државната управа, и доколку ова законско решение се усвои, тие ќе работат по 4 часа помалку неделно, или 16 часа помалку во месецот.
Ќе се намали работното време на административците, но официјално платата и за тие работни часови ќе остане иста.
Сепак, ако се анализира начинот на пресметка на платата може да се заклучи дека и покрај помалку сработените часови тоа нема да значи и помала плата. Имено пресметката на плата и во овој закон не е врзана со работните часови, туку со други критериуми.
Во член 69 стои дека платата на административниот службеник се состои од два дела - основна плата и додатоци на плата. Основната плата ја сочинуваат минимална плата, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж.
Минималната плата се знае однапред и важи за сите, а нивото се определува со бодови, па секоја позиција во администрацијата има повеќе или помалку бодови. Највисока е генерален секретар која носи 530 бодови, а најниска е помошно- стручен административен службеник од четврто ниво чија позиција носи 5 бода.
Инаку има предвидени и додатоци на плата, но и тие не се врзани со работните часови. Има и додаток на плата за работа во посебни услови а тоа се за ноќна работа; работа во смени; работа за време на неделен одмор; работа за време на празници утврдени со закон; работа подолго од полното работно време и извршување на задачите и надлежностите на вработен кој е отсутен подолг период.