Да волонтираш и да стекнеш нови знаења и искуство додека да најдеш работа, или да си почекаш „вистинската“ шанса да ти тропне на врата?
Vrabotuvanje.com објави анкета со ова прашање.
Доколку во моментов сте без работа, дали би волонтирале?
Погледнете ги резултатите:
39% од посетителите би волонтирале, наспроти 27% кои велат „НЕ“.
Останатите 28% би волонтирале, но не било што, наспроти 6% кои велат „само ако баш морам“.
Иако резултатите се многу блиску, сепак радува фактот што најголем дел од испитаниците би прифатиле волонтирање, затоа што веројатно, ги знаат предностите кои може да им ги донесе.
Без разлика дали барате работа или веќе сте вработени, ова се неколку начини на кои волонтирањето може да ви помогне да напредувате во вашиот професионален живот.
1. Ви помага да совладате нови вештини
Многу волонтерски можности вклучуваат соработка со други луѓе. И секојпат кога ќе работите со други, вие развивате „меки вештини“, како ефективна комуникација, емпатија и способност за работа во тим. Ако вашата работа вклучува работење на компјутер, тогаш треба да волонтирате за да си дадете шанса да работите со други луѓе.
2. Ќе запознаете други луѓе
„Не е важно што знаете, туку кого знаете“. Според компанијата за регрутација „Ла Сале нетворк“, повеќе од 60 отсто од сите работни места се наоѓаат преку вмрежување. Затоа, секоја можност за проширување на вашата мрежа е плус, а има и неколку добри можности за запознавање со влијателни луѓе во вашата заедница.
3. Ви помага да ги пополните празнините во вашето CV
Работодавците обично не сакаат да вработат кандидати чии резимеа покажуваат дека многу време не правеле ништо. Со оглед на тоа колку луѓе се наоѓаат на пазарот на трудот, пополнувањето на празнините во вашето резиме изгледа многу тешко за избегнување. Волонтирањето може да биде идеален начин за нивно пополнување. Всушност, луѓето со искуство во волонтирањето имаат 27 отсто поголема веројатност да најдат работа за разлика од оние без искуство во волонтирање.
4. Го зајакнува вашиот профил на „Линкдин“
Многу луѓе бараат работа преку оваа професионална мрежа. Со повеќе од 530 милиони корисници од повеќе од 200 земји, „Линкдин“ има многу податоци што ги сакаат работодавците, а според оваа мрежа, волонтирањето прави голема разлика.
5. Ви помага да се вратите во колосек
Доколку подолго време седите дома и сте без работа, волонтирањето може да ви помогне да се вратите во колосек и ви дава можност да работите со луѓе од сите возрасти.
6. Ја зголемува вашата самодоверба
Кој не се чувствува подобро откако ќе им помогне на другите? Кога волонтирате, можете да помогнете во многу полиња, а со тоа ќе ја зголемите вашата самодоверба и вашите професионални квалификации, затоа што токму вие сте биле важна алка во нивниот успех.