Младите луѓе во Шпанија треба да добијат пари за да се иселат од домот на своите родители и да можат да плаќаат кирија, изјави шпанскиот премиер.
Шпанската Влада планира да додели 250 евра месечно за млади луѓе со ниски приходи, со цел да им помогне да платат кирија, изјави Санчез.
“Целта на таквиот потег е да им се помогне на младите луѓе на возраст од 18 до 35 години да станат независни и да се иселат од домовите на своите родители“, истакна Санчез. Новата помош е дел од буџетот за домување во износ од 2,25 милијарди евра.
Други предлози, исто така, вклучуваат ограничување на износот на киријата за оние сопственици кои поседуваат повеќе недвижен имот, за да им се помогне на ранливите семејства и младите да платат кирија во големите градови.
Недвижностите во Шпанија се познати по високата цена, и сè повеќе млади луѓе се принудени да живеат со своите родители, бидејќи кириите се прескапи, платите се ниски, а стапката на невработеност е висока. Во просек, луѓето во Шпанија го напуштаат домот на своите родители на возраст од 30 години, додека во ЕУ просекот е 26,4 години.