Најзафатени се оние меѓу 25 до 44 години, со најмногу слободно време се возрасните над 65 години.
Ова го покажува последната анкета за користење на слободното време спроведена од Државниот завод за статистика во која македонските граѓани повеќе време почнале да трошат на спиење, слободни активности, вработеност,, јадење и пиење, а помалку на домашни активности, лична грижа и патување.
Анкетата покажува дека просечно време потрошено на спиење отпаѓаат 36 отсто, односно 8 часа и 44 минути во денот. Во оваа бројка е опфатено спиењето преку ден или ноќе, но, исто така, и лежењето во кревет поради оневозможеност болест, старост, инвалидност.
На слободни активности отпаѓаат 22 отсто, односно 5 часа и 17 минути користеле граѓание за дружење, посетување и примање гости, телефонски разговори, забава и култура, одмор, спортување, шетање, пешачење, уметност, користење компјутери, читање книги или други списанија, гледање телевизија, слушање музика и друго.
Два часа и 25 минути трошат граѓаните на подготвување храна, миење садови, чистење на станот, перење, пеглање, рачни изработки, градинарство, грижа за домашни миленичиња, но, исто така, и активности поврзани со домаќинството како што се градење и поправки, купување и разни услуги, па и грижа за децата, на пример, физичка грижа и надгледување, учење, играње и разговор со децата и други неспомнати активности.
10 отсто или 2 часа и 30 минути му припаѓаат на главната и дополнителната работа, вклучувајќи ги кратките паузи за време на работата, патувањето за време на работата, прекувремената работа и патувањето поврзано со вработеноста, службен пат, семинар и друго.
Јадењето и пиењето претставуваат 9 отсто, односно 2 часа и 14 минути.
Во групата друг вид лична грижа, каде што процентот е 4 отсто или 56 минути, спаѓаат активностите кои лицата ги вршат за себе како, на пример, лична хигиена, грижа за сопственото здравје, интимни односи, а, исто така, и активности што се вршат бесплатно за член од семејството, роднина или пријател и слично.
Школувањето е опфатено со 4 отсто или 46 минути, а вклучува регуларни часови и предавања, лабораториска работа, пракса, како и кратките одмори помеѓу часовите на училиште или универзитет, домашна работа, учење во библиотека и дополнително школување и курсеви.
Како што може да забележиме од резултатите, сé уште е пристуна традиционалната поделба на работите меѓу половите, според кои, мажите поголем дел од времето го поминуваат на платена работа, додека кај жените, домашните активности одземаат најголем дел од времето.
Подготвувањето на храна кај жената зазема 37 отсто од домашните активности, додека кај мажите само 12 отсто. Миењето садови кај жената зазема 16 отсто од домашните активности, додека кај мажите само два отсто.
Слободно време најмалку имаат лицата од возрасната група од 25 до 44 години, во којашто е најголемо и дневното просечно потрошено време на работното место. Најмногу време поминато за школување се забележува во возрасната група од 10 до 14 години, додека за слободни активности најмногу време имале во возрасната група од 65 и повеќе години.
Првото место секако му припадна на гледањето телевизија, потоа одмарање, користење компјутер, дружење, шетање и пешачење... Гледањето ТВ одзема околу 40 отсто од слободното време.
Анкетата е прилагодена според препораките на Евростат при што се применети најновите промени во методологијата. Се спроведува на пет години.