Продолжува скринингот за Ковид-19 во основните и средните училишта, а досега не е откриен ниту еден позитивен случај. Од почеток на пандемијата досега во државата од Ковид-19 починале над 7.000 граѓани.
-Скринингот за Ковид-19 кој се спроведува во основните и средните училишта не откри ниту едно дете позитивно на коронавирусот, соопшти вчера министерот за здравство. Тој рече дека до крајот на неделата ќе бидат тестирани околу 500 ученици.
Скринингот на Ковид-19 се спроведува со цел да се откријат асимптоматските носители на вирусот меѓу учениците и да се добие целосна слика на неговата трансмисија во училиштата. Тој треба да опфати околу 8.000 ученици.
Заклучно со 20 октомври вкупно се вакцинирани 800.357 граѓани, ревакцинирани се 766.521 а трета доза примиле 2.365 граѓани, соопшти вчера Министерството за здравство. Педесет и четири отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството за здравство.
Вакцините против коронавирусот спречуваат тешка форма на болеста, компликации при хоспитализација или смртен исход. Вирусот Ковид-19 брзо мутира и најголема ефикасност даваат вакцините, а целта е постигање на колективен имунитет, како би се заштитиле од новите соеви на SarsCoV2, информираат од Министерството. На следниот состанок Комисијата за заразни болести ќе дискутира за мерката за неопходност да се примат две дози вакцини против Ковид-19.
Извор: mkd.mk