Да се премине реката со трактор е единствениот начин за деветтоодделенецот Марко Арсовски да стигне до училиште
Во ера кога денешниве деца во голем број се разгалени и размазени, и бараат многу од своите родители, обиколени се со компјутери, телефони и слично, некој го нема ниту она минималното.
Да се премине реката со трактор е единствениот начин за деветтоодделенецот Марко Арсовски да стигне до училиште. Со неговите двајца постари браќа и таткото живеат во трошна куќа крај реката Пчиња близу македонско-српската граница.
Редовни примања им се само седумте илјади денари, што ги добиваат како помош од државата за 17-годишниот Дарко, кој боледува од тежок вид церебрална парализа.
– Само проблеми во нашиот живот, ако не сум јас тука треба Марко да превземе одговорност. Многу ни е тешко, некој мора постојано да е со детето да внимава на него, вели таткото на Марко.
– Што поправо со седум илјади, секој ден по пет леба, човек да штампа толку пари не може да испечати, тежок живот, вели овој храбар татко.
– Кога е водата со мал прилив газиме со чизми и преминуваме, но кога водата е надојдена одиме со трактор, така одиме на училиште и до другите места, вели Марко.
– Кога има многу студ и снег, мораме да одиме по една козја патека, која е многу подалеку, таму до едно место ме зема комбето и одам на училиште, додава тој за ,,Сител ТВ,,
– Во повеќе случаеви ме носи брат ми со тракторот, некогаш и соседите, но кога е голема реката мора да одиме и пеш и да го носиме болниот брат.
Но ситуацијата од денес им се промени бидејќи тие ги живеат последните денови во старата куќарка и лошите спомени ги оставаат заклучени во неа.
Со помош на хуманитарната организација „Срби за Срби“ и нивните соработници од Македонија, ова семејство од денеска ќе живее во нов дом.
– Апелираме доколку некој е во можност да помогне на ова семејство да се доправи и вториот спрат, сега ги добија минималните услови за живот, ние помогнавме на уште девет семејства во слична ситуаиција, велат од хуманитарната организација.
– Ова за мене е нов живот за мене и за семејството, нова куќа, нова надеж, друго е кога имаш поблиску некој до тебе, овде сме две куќи, нема кој да ти помогне, заклучува таткото за Сител ТВ.