Од Владата во повеќе наврати потврдија дека премиерот веќе најави дека до крајот на годината минималната плата ќе биде 18 000 денари. Додаваат дека тоа е утврдено преку дијалог и во согласност со социјалните партнери
Сојузот на синдикатите на Македонија бара минималната плата да биде најмалку во висина од 60 отсто од просечната плата
Периодов е неактуелно и некомпатибилно да се зборува и да се лицитира со минималната плата во услови на пандемија и при намалена продуктивност на компаниите, а одредбите од новиот закон за работни односи треба да бидат прецизни со компромис меѓу договорните страни работодавач и работник и не треба да брзаме со усогласувањето со директивите на ЕУ.
Ова денеска го соопштија од Организацијата на работодавачите на Македонија по денешната деловна средба во Прилеп со компаниите во Прилепскиот регион.
Според Владанка Трајкоска, претседателка на Организацијата, ги слушнале размислувањата на компаниите и е направена анкета меѓу работодавачите за минималната плата, која се смета дека ќе го натера образованиот кадар да замине од земјава.
„Неумесно е да се зборува за измени на минималната плата, уште повеќе што во законскиот рок, Организацијата на работодавачи, заедно со синдикатите и Владата на Економско-социјалниот совет ја направи потребната измена на минималната плата. Организацијата направи мини-анкета меѓу своите членки во која го побара нивното мислење во однос на минималната плата. Сите работодавачи сметаат дека минималната плата може да се движи во моменталните граници. Со самото тоа што би се направиле корекции во минималната плата, би предизвикале токму одлив на кадарот, оној едуциран и висококвалитетен кадар, бидејќи ќе се доведе до еден тип на ‘порамнување’, кој е неактуелен, секако, и од таа причина сметаме дека минималната плата не е причина за зголемување на платата“,
изјави Трајкоска.
Таа вели дека и енергетската криза ќе се одрази негативно во стопанството, а надежта е во владините мерки. Компаниите очекуваат и одредено растоварување во поглед на акцизите.
Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи и член на работната група за новиот закон за работни односи смета дека одредбите во новиот закон треба да бидат прецизни и да има компромис на релација работодавач – работник и не треба да се брза со усогласувањето со одредбите од ЕУ зашто имаме поинакви услови за стопанисување.
„Бидејќи една од причините за донесувањето на Законот за работни односи е усогласувањето со европските директиви, работодавачите нагласија дека не треба да се брза со прецизно усогласување со европските директиви, зашто ние се наоѓаме на многу поинаков степен на развој. Далеку е времето кога ќе бидеме членка на ЕУ. Ние гледаме дека и во Европа има многу различен степен на развој во државите и тие се свесни за тоа…Платата зависи од продуктивноста која се остварува. Ние не можеме да креираме закони врз база на желби, туку врз база на можностите на кои сме сега“, рече Димитров.
Сојузот на синдикатите на Македонија бараат минималната плата да биде најмалку во висина од 60% од просечната плата.
„ССМ укажува дека во услови кога Синдикалната минимална кошница за август 2021 година изнесува 34 342,00 денари, постои реална потреба од зголемување на минималната плата, а со дискусијата ако минималната плата дојде до висина од најмалку 18 000 тогаш приближно две минимални плати би биле доволни да ја покријат синдикалната минимална кошница. Ако само просечната плата расте, а минималната плата стагнира односно минимално се усогласува без да бидат прифатени забелешките на синдикатите, ќе имаме тренд на осиромашување на граѓаните“,
велат од ССМ.
Според нив, на исто мислење е и премиерот Зоран Заев кој на еден од предизборните митинзи изјави дека дека до крајот на 2021 година треба да се зголеми минималната плата токму на 18 илјади денари.
И од Владата во повеќе наврати потврдија дека премиерот веќе најави дека до крајот на годината минималната плата ќе биде 18 000 денари. Додаваат дека тоа е утврдено преку дијалог и во согласност со социјалните партнери.
„Еден од предусловите да ги задржиме работниците тука во државата е да го зголемиме нивото на плати, почнувајќи од минималната. Работодавачите исто така сакаат да ја задржат работната сила дома и да не ги губат стручните кадри во земјите на ЕУ – затоа треба сите ние да најдеме начин како ЕУ да ја донесеме тука, дома кај нас“,
велат од Владата.