Групацијата Триглав во првите девет месеци од годинава оствари раст на консолидираните бруто премии од осигурување од 10% (1,06 милијарди евра) во однос на истиот период минатата година, додека во управувањето со средствата на клиентите во инвестициски фондови и преку индивидуално управување, го зголеми обемот на средства со коишто управува за 21% (на 1,4 милијарди евра). Деветмесечната добивка на Групацијата пред оданочување изнесува 92,1 милиони евра, што е за 48 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година. Групацијата проценува дека ќе ја надмине првично планираната годишна добивка, која што се очекува да изнесува меѓу 115 и 125 милиони евра до крајот на годината, со оглед на проектираните услови за деловно работење. Групацијата Триглав во 2022 година планира да го зголеми обемот на премиите од осигурување на повеќе од 1,4 милијарди евра, добивката пред оданочување да биде меѓу 120 и 130 милиони евра, а комбинираниот коефициент под 93 проценти. Групацијата ја ажурираше својата стратегија до 2025 година, при што ги задржа своите суштински ориентации и дополнително ја надгради.
Добивка пред оданочување. Консолидираната добивка пред оданочување на Групацијата Триглав во првите девет месеци изнесува 92,1 милиони евра, што е 48 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година. Добивката од осигурување на имот изнесува 66,0 милиони евра (раст од 25%), од здравствено осигурување 9,6 милиони евра (раст од 25%), а од животно и пензиско осигурување 10,0 милиони евра (-0,4 милиони евра минатогодишниот споредбен период). Добивката од останатите компании воГрупацијата, коишто не работат во осигурителната индустрија,достигна 6,5 милиони евра (раст од 190%). Претседателот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар изјави: „Успешно работевме и во третиот квартал од годинава, благодарение на целиот тим од над 5.200 вработени на Групацијата Триглав. Постигнавме многу добри резултати во осигурително-техничкиот дел на деловното работење и во управувањето со средствата на клиентите, а се очекуваше дека приносите на осигурителното портфолио ќе бидат под влијание на состојбата на сеуште ниските каматни стапки. Врз основа на постигнатото и со оглед на предвидените деловни услови до крајот на годината, очекуваме дека нашата годишна добивка пред оданочување ќе биде повисока од првично планираниот износ меѓу 85 и 95 милиони евра. Проценуваме дека ќе изнесува меѓу 115 и 125 милиони евра“.
Осигурително-технички дел од работењето. Со дисциплинирано преземање ризици во осигурување и со фокус на клиентите, Групацијата Триглав во првите девет месеци од годинава оствари раст на консолидираната бруто полисирана премија од 10% во однос на истиот период минатата година (1.056,2 милиони евра). Ги зголеми премиите на сите пазари и во сите три осигурителни сегменти. Во Словенија растот изнесува 8%, и е за 4 процентни поени повисок од пазарниот, а на пазарите надвор од Словенија растот изнесува 16%. Премиите од осигурување на имот се зголемени за 12%, премиите од животно и пензиско осигурување за 9%, а од здравствено осигурување за 1%.
Обемот на бруто побарувањата за оштета во износ од 521,6 милиони евра не отстапува значително споредено со претходните две години. На тоа влијаеја повеќегодишниот раст на осигурителното портфолио и природните настани на масовни оштетни побарувања, кои не достигнаа многу високи нивоа во првите девет месеци од годинава. Размерите на пандемијата „Ковид-19“ повторно внесуваат динамика воовој дел од деловното работење на Групацијата Триглав, бидејќи некои видови осигурување сè уште покажуваат помала фреквенција на штети, додека други имаат зголемен износ на штети поради минатогодишните препреки кај одредени услуги. Комбинираниот коефициент на имотни и здравствени осигурувања на Групацијата Триглав изнесува поволни 89,3%, што е резултат на подобрениот коефициент на штети. На крајот на септември, Групацијата имаше 7% повеќе осигурително-технички резерви (3.235,7 милиони евра) отколку на крајот на 2020 година. Членот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав Урош Иванц објасни: „На постигнатите осигурително-технички резултати дополнително позитивно влијаеше релативно помалата фреквенција на оштетни побарувања и поволниот развој на резервите за нерешени оштетни побарувања, формирани во претходните години. Особено внимателно ги дизајниравме минатата година, поради зголемената неизвесност со почетокот на пандемијата“.
Инвестициско портфолио и средства на клиентите под управување. Очекувано, условите на ниска каматна стапка влијаеа на приносите од инвестициското портфолио на Групацијата Триглав, кое изнесува 3.604,2 милиони евра. Неговиот состав не се промени значително. Состојбата на финансиските пазари и нето-приливите имаа позитивно влијание врз работењето на компанијата Триглав Склади и на обемот на средствата од клиентите, со кои што компанијата управува во заеднички фондови и преку индивидуално управување. Средствата достигнаа вредност од 1.400,1 милиони евра, што е за 21% повеќе од крајот на 2020 година.
Одржлив развој (ESG). Групацијата ја следи својата Заложба за одржливост (ESG), која што ја усвои кон крајот на минатата година. Систематски ги интегрира еколошките, социјалните и управувачките аспекти на одржливиот развој во деловното работење, во доменот на стратешките активности на Групацијата (осигурување и управување со средства) и на сопствените операции.
Групацијата Триглав на македонскиот пазар
Во трите квартали од 2021 година, компаниите на Групацијата Триглав на македонскиот пазар активно ги имплементираа поставените деловни цели за реализација на стратегијата за развој и раст, фокусирајќи се на потребите на клиентите. Групацијата во дадениот период обезбеди вкупна бруто полисирана премија од 18,9 милиони евра во областа на неживотно и животно осигурување, што е 17% повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Триглав Осигурување во трите квартали од годинава ја потврди водечката позиција на пазарот на неживотно осигурување, обезбедувајќи бруто полисирана премија од 16,9 милиони евра и раст од 9% во однос на истиот период минатата година. „Градиме финансиски стабилна компанија, која што обезбедува сигурност и поддршка на своите клиенти. Нашиот фокус,да бидеме вистински партнер на нашите клиенти, дефинираше бројни активности, кои што ги реализиравме во изминатите три квартали. Воведовме новини во доменот на доброволното здравствено осигурување (SOS пакет), воведовме посебен центар за грижа за клиенти, спроведовме активности за наградување и зајакнување на лојалноста на нашите клиенти. Во согласност со потребите на пазарот, развивме cyber осигурување за корпоративниот сегмент и активно развиваме корпоративни осигурителниконцепти по принципот на консолидирани понуди во домените на имотно, животно, здравствено и пензиско осигурување, кои групацијата може да ги понуди на своите клиенти, ефикасно покривајќи ги притоа сите нивни потреби”, изјави во оваа прилика Главниот извршен директор на компанијата, Ѓорѓе Војновиќ.
Триглав Осигурување Живот ја задржа динамиката на трицифрен раст на премиите за животно осигурување, остварувајќи два и пол пати поголем раст во однос на истиот период минатата година, со што го задржа приматот на најголем раст на пазарот на животно осигурување годинава. Пазарниот удел на компанијата е тројно зголемен во однос на истиот период минатата година и изнесува 8,9%. Оваа година компанијата оствари стратешка соработка со повеќе деловни банки, со што ја зацврсти својата позиција во областа на банкарското осигурување.
Трендот на раст на Триглав пензиско друштво ја потврдува неговата улога како атрактивен избор во доменот на капитално финансирано пензиско осигурување на македонскиот пазар. Споредено со истиот период минатата година, друштвото ги зголеми средствата со коишто управува во фондовите за 156%, а бројот на членови се зголеми за 76%. Компанијата продолжува активно да инвестира во развој на своите ресурси, развој на продажната мрежа во земјата и едукација на постојните и идните членови.
Деловен план на Групацијата Триглав за 2022 година. Групацијата Триглав очекува дека нејзиното работење во 2022 година ќе се одвива во малку подобрено, но сè уште нестабилно и неизвесно деловно опкружување. Најголемите ризици ќе продолжат да произлегуваат од ситуацијата со епидемијата, а пазарите во регионот ќе останат многу конкурентни и динамични. Во овие околности, Групацијата планира да го зголеми обемот на осигурителни премии на повеќе од 1,4 милијарди евра, добивката пред оданочување помеѓу 120 и 130 милиони евра и поволниот комбиниран коефициент под 93 проценти.
Претседателот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар изјави: „Си поставивме амбициозни цели. Планираме натамошен раст на премиите на постојните пазари во регионот, како и на оние пазари на Европската Унија, каде работиме на принципот на слободно движење на услугите и очекуваме добри перформанси во управувањето со средствата на клиентите. Поради растот на осигурителното портфолио и други фактори, очекуваме зголемување на обемот на оштетни побарувања, и слични трендови на масовни штетни настани, како и претходните години. Во 2022 година очекуваме поволно влијание врз развојот на резервите за нерешени оштетни побарувања, кои конзервативно ги формиравме во претходните години. Ќе обрнеме внимание на рационализација на трошоците, и планираме да ги зголемиме главно во доменот наобезбедување осигурување, дигитализација и инвестирање во информатичката технологија. Нашата политика за дивиденди останува непроменета и ќе се стремиме акцијата на Триглав да биде профитабилна, сигурна и стабилна инвестиција за инвеститорите. Квалитетот и униформноста на искуството на клиентите со нас, ќе продолжат да бидат основна насока на нашите развојни активности и во 2022 година. Останува важно, како тим,во целата Групација да работиме заедно на надградба на корпоративната културата, што е една од основите за понатамошен развој и постигнување на стратешките насоки на Триглав.“
Ажурирана стратегија на Групацијата Триглав до 2025 година. Групацијата не ги менува суштинските ориентации на постоечката стратегија, туку ги надградува во насока на раст и развој и фокусирање на клиентите. За таа цел, го продолжува процесот на дигитална трансформација и развој на услужно ориентирани деловни модели и екосистеми, кои се занимаваат со меѓусебно поврзани клиенти. Планиранираното работење на Групацијата Триглав, водечката осигурителна и финансиска групација во регионот Адриа, останува профитабилно и сигурно. Во стратешкиот период планира стапка на поврат на капиталот од 10% (ROE), а во 2025 година, вкупни приходи, кои ќе надминат 1,6 милијарди евра. Со одржлива деловна ориентација, Групацијата останува развојно ориентирана средина за вработените, поврзана со партнерите и стабилна, сигурна и профитабилна инвестиција за инвеститорите.