Четиридневната работна недела е она што сега го бараат вработените, поточно подготвени се за ваков тип на промени, а нивните претпоставени треба да обрнат внимание на нивните желби, пишува „CNN“.
Пандемијата, која трајно го промени режимот на работа не само што флексибилното работно време стана императив во многу компании, туку се поизвесно е дека самата работна недела ќе биде пократка – или во однос на денови или часови. Американските работници поднеле отказ во рекорден број – 4,3 милиони се евидентирани во август, а уште 4,4 милиони во септември годинава. Менаџерите во различни индустрии имаат проблем да најдат работници, дури и кога ги зголемуваат платите и нудат стимулации.
Истражувачите од финансиската компанија „Jefferies“ ги прашале младите Американци, на возраст од 22 до 35 години, кои неодамна ги напуштиле своите работни места – што можеле да направат нивните поранешни претпоставени за да ги убедат да останат на таа работа.Триесет и два проценти од испитаниците одговориле дека ќе останат доколку им се понуди четиридневна работна недела.
Тоа, всушност, беше вториот најчест одговор, веднаш зад 43-те проценти кои би останале на работа за повеќе пари. Студијата исто така, покажа дека 80 проценти од испитаниците поддржуваат четиридневна работна недела. Што се однесува до останатите 20 проценти, само 3% кажале дека се против пократка недела, а 17 отсто се „неутрални“. Кај работниците со дипломи, „синдромот на прегорување“ беше првата причина поради која дадоа отказ.
Работната недела од 40 часа беше тешка борба на работничките активисти на почетокот на 20 век. И лесно е да се видат паралели со сегашниот пазар на труд, кога работниците се овластуваат и кога се зголемуваат напорите за синдикализирање.