South China Mall во кинескиот град Донгуан се смета за најголемиот трговски центар во светот. Поточно, трговскиот центар со најголема површина од достапни простории за изнајмување – речиси 660.000 квадратни метри простор во кој можат да се сместат повеќе од 2.300 продавници.
Dubai Mall е поголем во површина – има повеќе од еден милион квадратни метри простор, но исто така вклучува и други објекти како хотел, зоолошка градина и тематски парк.
Архитектите го дизајнираа трговскиот центар South China Mall како место со седум меѓународни зони, кои ги имитираат Амстердам, Париз, Рим, Венеција, Египет, Карибите и Калифорнија. Центарот опфаќа копија на Триумфалната капија, камбанаријата на базиликата св. Марко висока 25 метри во Венеција, како и канал со гондоли долг два килметри. Предвидувањата беа дека шопинг центарот ќе привлекува околу 100.000 посетители секој ден.
Но, реалноста на South China Mall е сосема поинаква – тој стана трговски центар на духови – изнајмени се само деловни простории на главниот влез во центарот, а меѓу нив главно се локали на синџири за брза храна од Запад.
Многумина веруваат дека South China Mall е лошо замислен проект изграден на погрешно место. Имено, сопствениците на Dongguan Sanyuan Yinghui Investment & Development сакаа да привлечат богата клиентела од големите градови како Гуангжу и Шенжен, но го сместија трговскиот центар во град во централната провинција Гуангдонг, каде што повеќето од осум милиони жители се мигранти со ниски примања.
Во 2015 година, центарот претрпе серија реновирања и измени, а во него започнаа да се отвораат бутици и ресторани со подостапни цени за производи и услуги. Иако во последните пет години повеќе луѓе го посетиле центарот од кога и да било порано, неговите објекти сè уште се полупразни. Најпосетуваната содржина во центарот е 3D киното.