Португалија е најголемиот производител на велосипеди во Европска Унија, податок кој малку е познат надвор од земјата. Минатата година, таму биле направени повеќе од 2,6 милиони велосипеди, една петина од вкупното производство во ЕУ. Следуваат Италија со 2,1 и Германија со 1,3 милиони.
Португалија е лидер иако нема ниеден голем велосипедски бренд и главно произведува за странски компании, како француски „Декатлон“.
Индустријата е концентрирана околу еден мал град – Агведа во централна Португалија, 75 километри јужно од Порто. Покрај фирмите кои прават целосни велосипеди, има и такви кои се задолжени за одредени делови или додатоци. Севкупно, овој сектор брои повеќе од 60 фабрики и речиси 8.000 вработени.
Жоао Филипе Миранда вели дека неговата компанија „Миранда“ ќе оствари приход од 27 милиони евра оваа година.
„Ова ќе ни биде најдобрата година од основањето на фирмата во 1940“, вели Миранда.
Тој додава дека португалската велосипедска индустрија е позната по својот квалитет.
„Наша голема предност е што на европските муштерии им нудиме многу побрза испорака од ривалите од Азија. Пандемијата му донесе нова можност на секторот, бидејќи поттикна поздрав начин на живот низ Европа“, вели тој.
Се проценува дека извозот оваа година ќе порасне за 20-30%.