Промените на пазарот, смената на генерации и поинаквите животни навики и размислувања, се само некои од причините за сé помасовното прифаќање на работа од дома. Посебно кај младите генерации.
Да најдеш работа што те исполнува и плус да ти носи и пари, зарем тоа не е сечиј сон. А за да го оствариш ова треба да заминеш од државава, што го направија многу млади, но дел од нив, не така мал број, успеаја да најдат работа во странски фирми, да земаат плата како на Запад, но да си останат во татковината.
Работа од дома за странска фирма, стана секојдневие во последниве години. Интересен предизвик за нив се бројните понуди во онлајн огласите за работа од разни странски компании. При тоа, не толку образованието, колку компјутерските вештини и познавањето на странски јазици, умешноста да се препознае добра понуда за работа, се пресудни фактори за старт. Но, не помалку важна е и висината на платата што им се нуди, која секако е многу поголема од онаа што ја даваат македонски фирми, флексибилноста на работното време, шансите за креативност и за напредок во кариерата.
Горе-долу тоа би биле и предизвиците што ги инспирираа тројцата млади луѓе со кои ММС разговараше и кои си ја раскажаа својата приказна. Сите се задоволни од својата работа и засега не помислуваат да ја напуштат земјата и да продолжат со работа и живот надвор од Македонија.
Сакав нешто ново, а односот работодавец-вработен беше пресуден
Вработен во Букинг (Booking):
Работата онлајн почнав да ја работам кон крајот на 2019 година. Главната причина за оваа одлука беше тоа што сакав нешто поинакво, да научам нешто ново, бидејќи претходната работа ми беше многу монотона, и не ме исполнуваше. Имам завршено високо образование, поточно на катедрата на филолошкиот факултет. Претходно работев за македонски компании, но сакав да променам нешто и сосема случајно најдов работа онлајн, хонорарно во странска компанија. Се разбира дека и платата беше фактор, но не би рекла и главниот мотив. Работам 5 часа дневно, 3 дена во неделата, вели нашата соговорничка и додава:
– Со оглед на тоа дека имам флексибилно работно време, можам да се посветам и на приватниот живот, да одам на кино, во театар, да патувам и да се видам со моите најблиски. Предностите со ваквиот начин на работа од дома е што е флексибилно работното време, а пред се и односот помеѓу работодавач и вработен. Ова според мене е најголемата предност. Секој работник сака да е продуктивен, да додаде нешто вредно во неговата работа во компанијата каде што работи, но исто така и да е почитуван од својот работодавач. Од друга страна, понекогаш ми пречи работното време поради временската разлика, како и физичко присуство со колеги во канцеларија. Засега се чувствувам исполнето, работодавачот ги прифаќа моите идеи и со тоа се чуствувам креативно и сметам дека придонесувам за успешност на компанијата.
Целиот текст прочитајте го на mms.mk