Луѓето кои претходно шиеја заштитни маски, почнаа да шијат и торби, откако цената на кесите скокна на 15 денари, со цел да се дестимулира нивната употреба.
Засега дел од граѓаните и фирмите нарачуваат торби, но се очекува дека во наредниот период побарувачката ќе се интензивира. Наместо да купуваат кеси, граѓаните на пазарење ќе одат со торби. Милена Павловска од Прилеп, која продавала венчаници, раскажува дека откако се појави коронавирусот, почнале да шијат заштитни маска, а сега се фокусирани на изработка на торби. Вели дека граѓаните бараат торби од природни материјали.
„На мало купуваат по 2 или пак 5 торби по семејство, најчесто се тоа торби од памук. За димензии, ги бараат оние со големина од 40 на 43 сантиметри. Очекувам дека побарувачката ќе порасне, затоа што луѓето сѐ уште не знаат дали законот ќе продолжи да важи за пластичните кеси, бидејќи имаше некои реакции. Ние работевме со венчаници, но поради пандемијата моравме да се прилагодиме на новите околности“, вели Павловска.
Фросина од Куманово објаснува дека за граѓаните во едни вакви околности е попрактично да купат торби кои ќе ги користат подолго време.
„Засега торбите ги продавам на мало, но ако најдам заинтересирани за продажба на големо, ќе работам и на тој начин. Како со маските, така може и со торбите да одат на фактура за фирми кои имаат потреба од торби или евентуално да бидат со нивно лого за да се рекламираат. Обично ги правам од платно, памук, еколошка хартија - платно со големина од 40 на 45 сантиметри. Имав торби, ги нудев и претходно, но побарувачката беше слаба додека не излезе овој закон. Засега земаат по една торба, затоа што скоро сите дома имаат по некоја торба која ја добиле гратис. Луѓето не сакаат да даваат 15 денари за кеса, и подобро им е да купат торба која ќе ја користат повеќе пати“, вели Фросина.
На 1 декември, со стапувањето на сила на забраната за употреба пластични кеси, според Законот за управување со пакување и отпад - на пазарот се нудат хартиени кеси или платенени торби. Цената 15 денари ги демотивираше потрошувачите да купуваат кеси за еднократна употреба. Дел од компаниите во земјава како општествено одговорни на своите клиенти им подаруваат платнени торби со цел заштита на животната средина.