„Визер“ (WizzAir) е во процес на привремено суспендирање на повеќе од четириесет линии од својата мрежа во земјите од поранешна Југославија, со одложување на дел од планираните нови дестинации.
Ова доаѓа како резултат на слабеењето на побарувачката во услови на зголемени случаи на Ковид-19 низ континентот, стравувањата од новиот вид на вирусот Омикрон, како и повторното воведување на ограничувања за патување и барања за тестирање.
Зимските операции на авиокомпанијата ќе влијаат на сите пазари што ги опслужува во поранешна Југославија, вклучително и Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово и Словенија.
Претседателот на „Визер“, Роберт Кери, изјави дека патниците чекаат подолго за да резервираат билети, што ѝ отежнува на авиокомпанијата да ја процени краткорочната побарувачка. Кери истакна дека овој тренд бил присутен во текот на пандемијата и сега се засилува со новата варијанта Омикрон. Сепак, во „Визер“ се оптимисти и имаат намера да ја зголемат побарувачката следното лето.
Оперативни рути во текот на зимската сезона од најголемата база во поранешна Југославија, Скопје, се Шарлроа, Копенхаген, Базел, Бове, Берлин, Келн, Дортмунд, Хан, Фридрихсхафен, Хамбург, Баден Баден, Меминген, Ајндховен, Сандефјорд, Гетеборг, Малме и Лондон Лутон, но многу ќе се одржуваат со скратен распоред. Од Охрид во текот на целата зимска сезона која трае до 26 март следната година ќе работи само Базел.
„Визер“ ќе лета без престан од својата база во Тузла до Базел, Берлин, Келн, Дортмунд, Хан, Меминген, Малме и Скавста, додека линиите што сообраќаат во зимските месеци од Сараево ги вклучуваат Копенхаген, Базел, Дортмунд, Меминген, Ајндховен, Базел и Абу Даби.
Од Белград, авиокомпанијата ќе продолжи да оперира до Базел, Дортмунд, Баден Баден, Меминген, Ајндховен, Малме, Скавста, Абу Даби и Лондон Лутон во текот на зимата, иако некои со пониски фреквенции од првично планираните, додека летовите од Ниш до Базел Дортмунд и Меминген продолжуваат да работат според првичниот распоред.
Од друга страна, од Приштина нормално ќе се одвиваат услугите за Виена, Базел, Дортмунд, Меминген и Лондон Лутон, додека Баден Баден, Милано и Рим ќе бидат погодени со привремени суспензии.
Конечно, „Визер“ ќе започне со лансирање на својата нова услуга од Лондон Лутон до Љубљана на 13 декември со намален распоред, додека Шарлроа ќе биде задржан само до 7 јануари, по што ќе биде суспендиран до почетокот на летната сезона во 2022 година.