Трговците што ќе ја прекршат одлуката за замрзнување на цените на основните прехрамбени производи ќе бидат казнети од 800 до 10.000 евра.
Цените на лебот, шеќерот, брашното од тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8 проценти, 3,2 проценти и од 3,5 проценти, свежо месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата нема да се менуваат до крајот на јануари.
Овие производи ќе се продаваат по цени што ги имале до 1 декември годинава, со исклучок на цените на привремените попусти што важеле дотогаш. Замрзнувањето на цените ќе важи во трговија на мало и во трговија на големо. Оваа недела, како што најави министерот за економија, се очекуваат податоци од Државниот завод за статистика за тоа колку граѓаните плаќале за основните прехранбени продукти на 1 декември. Така ќе се добие слика што конкретно ќе значи замрзнувањето на цените за секој производ.
Државниот пазарен инспекторат ќе проверува дали трговците се држат до цените од почетокот на месецот. Оттаму апелираат граѓаните да пријавуваат кај нив, доколку забележат непочитување на оваа мерка. Контролата ќе ја прават инспекторите врз основа на евиденција која трговците се задолжени да ја водат за цените.
Одлуката за определување на највисоки цени за основните прехрамбени производи, може да биде продолжена и по 31 јануари следната година, ако и натаму тоа го бара состојбата на пазарот.
Ние не сме прва земја во регионот што ги замрзна цените на основните прехрамбени производи. Во Србија од 1 декември, па следните 60 дена се замрзнати цените на млекото, шеќерот, брашното, сончогледовото масло и свинското месо.
Претходно истото го направиле и Црна Гора, а Хрватска пред еден месец ги замрзна и цените на горивата.
Извор: novamakedonija.com.mk